Фото: Маја Јаневска-Илиева

На секои 100, бегаат нешто повеќе од тројца затвореници од затворите во Македонија, што според рангирањето на Советот на Европа и на Универзитетот во Лозана, земјата е на прво место во светот

Лошата состојба во македонските затвори е главната причина за зголемениот број бегства од казнено-поправните установи поради што Македонија е убедливо прва според бројот на затвореници бегалци во Европа, покажуваат податоците на Советот на Европа и на Универзитетот во Лозана. Според последните објавени податоци на Советот на Европа, од затворите во Македонија побегнале дури 366 затвореници, или на секои 100, бегаат нешто повеќе од тројца затвореници. Слични заклучоци извлекле и од канцеларијата на народниот правобранител.

– Пренатрупаноста и лошите услови во казнено-поправните установи и понатаму се горлив проблем, кој го нарушува човековото достоинство на лицата лишени од слобода. Здравствениот систем останува нефункционален и на штета на осудените и притворените лица, кои, меѓу другото не се ниту здравствено осигурени. Ваквата состојба влијае за незадоволство кај осудените и притворените лица, но и дава сомнеж во ефективното лекување и другите здравствени услуги во казнено-поправните установи – констатира народниот правобранител во Годишниот извештај за состојбите во затворите во 2017 година.

Инаку, претходно приматот во бегствата од затворите, според податоците на Советот на Европа, го имаше Финска, каде што од затвор побегнале дури 1.084 затвореници на 10.000 затвореници, но откако финските власти значително ги заостриле условите во затворите, следната година од зад решетки во оваа земја побегнале само 42 лица.
Потоа следуваат Данска со 34 бегства, Грција со 32, па Швајцарија со 30 бегства. Од државите на Балканот, на листата се Хрватска со 11 бегства, Бугарија со осум, додека во Словенија избегале седуммина затвореници.

Во извештајот на Советот на Европа за периодот 2005-2015 година, интересен е и податокот дека во 2005 година во Македонија вкупниот затворски персонал го сочинувале 290 лица, додека во 2015 година бројот се удвоил и изнесувал 546 лица. С.Т.