Фото: Дарко Андоновски

Истражувањето, во текот на пет години (2013-2018 г.) го спроведуваа четворица
професори на Факултетот за безбедност д-р Цане Мојаноски, д-р Марина Малиш-Саздовска, д-р Марјан Николовски и д-р Катерина Крстевска Савовска. Занимавањето со проблемот на корупцијата е воден од потребата да се согледа какви се перцепциите на граѓаните за степенот на познавањата на корупцијата и начинот за незино спречување и справувањето со нејзините последици

Корупцијата како феномен, денес претставува сериозна закана за функционирањето на правната држава. Тоа значи дека наместо да владее правото и неговите норми, владеат поединци, раководени од користољубиви цели и во согласност со интересите. Оваа сублимирана дефиниција на корупцијата може да се прочита во најновата студија – истражување „Граѓаните за корупцијата“, спроведена од Универзитот „Св. Климент Охридски“ од Битола и Факултетот за безбедност од Скопје, а промовирана денеска, на
25 септември, во ЕУ инфо центарот во Скопје.

Истражувањето, во текот на пет години (2013 2018 г.) го спроведуваа четворица професори на Факултетот за безбедност д-р Цане Мојаноски, д-р Марина Малиш-Саздовска, д-р Марјан Николовски и д-р Катерина Крстевска Савовска. Занимавањето со проблемот на корупцијата е воден од потребата да се согледа какви се перцепциите на граѓаните за степенот на познавањата на корупцијата и начинот за нејзино спречување и справувањето со нејзините последици.

За пет години истражување, анкетирани се 1.200 испитаници од целата територија на
Македонија. Еден од заклучоците на студијата е дека најкорумпирани професии во
Македонија се: лекарите, полицајците, цариниците и универзитетските професори, но и оние во средните училишта. Најзастепена коруптивна злоупотреба е пречекорување на овластувањата и положбата. Истражувањето низ годините покажало дека 20 отсто од испитаниците биле во ситуација да дадат мито, додека 60 отсто се изјасниле дека не се нашле во таква ситуација. Сепак, голем е процентот и на оние кои воопшто не се изјасниле по ова прашање. Најчест начин на кои се врши корупцијата (модус операнди) е класично давање мито во пари во готово, но се применува и начинот – пари на сметка, како и вршење на одредени услуги.

Граѓаните кои учествувале во петгодишната анкета се изјасниле дека за корупцијата најмногу се информираат од медиумите, што ја потврдува моќта на медиумите во креирањето на јавното мислење. Како начин за сузбивање на корупцијата, граѓаните кажале дека сепак претпочитаат превентивни (од предавања во образовните установи, до медиумски кампањи) отколку репресивни мерки.

Целта на истражувањето била пред се да се открие клучниот проблем – кој ја генерира корупцијата. Резултатите покажале дека централниот проблем е во институционалната корупција!

– Анализата укажува дека перцепцијата на корупцијата се концентрира околу определена група индикатори поврзани со институциите и институциналната поставеност, како и со носителите на функциите и оние кои се задолжени за јавните услуги. Всушност, истражувачките резултати упатуваат на тоа дека неефикасниот институционален одговор за решавање на проблемите на граѓаните е обземен со корупција и корумпираноста. Анализата на резултатите укажува дека борбата против корупцијата е неефикасна поради опфатеноста со неа на функциите и институциите чија првенствена и основна задача е да работат на создавањето на правна рамка и општествени услови за справување со неа – констатира професорот Цане Мојановски, кој всушност бил водач на тимот – истражувачи, во текот на петгодишното спроведување на истражувањето.

На промоцијата во ЕУ-инфо центарот, министерката за правда, Рената Тренеска – Десковска ја потенцираше комплементарноста и потребата на ова истражување со новите предлози на Министерството за правда, со кои се бара повеќе овластувања за Антикорупциската комисија во делот на контрола на приходите на државните службеници. Новиот предлог-закон за спречување на корупцијата предвидува членовите на комисијата да немаат политички врски во последните 10 години. Еден од рецензентите на истражувањето, кој активно соработувал со тимот во текот на истражувањето, а своите согледувања ги искажа и на промоцијата е д-р Миодраг Лабовиќ, професор на Факултетот за безбедност. Ј.П.