Во Собранието на Република Македонија денеска е доставена одлуката на претседателот на државата Ѓорге Иванов со која тој информира дека нема да го потпише Указот за прогласување на Законот за ратификација на Kонечната спогодба за решавање на разликите опишани во резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, за престанување на важноста на Привремената спогодба од 1995 година и за воспоставување стратешко партнерство меѓу страните.

Претседателот на Собранието Талат Џафери сега во рок од 30 дена од изгласувањето на законот за ратификација на договорот треба да го стави повторно на гласање на пленарна седница. 

Според иформации на МИА од Собранието, откако Џафери ќе ја разгледа одлуката што ја испратил Иванов и според планираните активности во Парламентот и на пратениците ќе ја закаже седницата. Сепак, се најавува дека тоа ќе се случи до крајот на оваа или следната недела и дека претседателот на Собранието нема да го чека крајниот рок односно 20 јули. 

Собранието на Република Македонија го ратификуваше Договорот за решението за спорот за името на 20 јуни со 69 гласа „за“ и 40 „против“, а истиот ден тој беше потпишан од страна на Џафери и испратен до Кабинетот на Иванов, кој како што најави го врати законот во предвидениот рок без да го потпише Указот. 

Сега повторно се на потег пратениците. За да го изгласа законот за ратфикација на Собранието му е потребно апсолутно мнозинство односно 61 глас „за“. Доколку повторно се изгласа, договорот во тој случај повторно се испраќа до претседателот, кој според Уставот е обврзан да го потпише. 

Очекувањата се дека и по второто гласање Иванов нема да го потпише Указот за законот за ратификација на договорот за името и оти ќе го примени т.н. џебно вето, како што направи со Законот за употреба на јазиците. 

Иванов за својата одлука за непотпишување на Указот за законот за ратификацијата на договорот наведе повеќе причини.

1.  Немам мандат да го потпишам Указот за прогласување на законот за ратификација на оваа спогодба. Еден од столбовите на мојата политика во изборната програма од 2014 година е дека „не прифаќам промена на Уставот со цел промена на уставното име. Не прифаќам идеи или предлози што би ги загрозиле македонскиот национален идентитет, посебноста на македонската нација, македонскиот јазик и македонскиот модел на соживот.“ На претседателските избори 534.910 граѓани гласаа за оваа моја изборна програма и ме избраа на функцијата Претседател на Република Македонија. 

2.  Спогодбата излегува надвор од опфатот на резолуциите 817 (1993) и 845 (1993) на Советот за безбедност на Обединетите нации, затоа што во нив се зборува за „разлика околу името на државата„, а не за „разлики“ како што зборува оваа спогодба. 

3.  Спогодбата нема уставен основ и не е ратификувана во согласност со Уставот. Според член 118 од Уставот на Република Македонија меѓународните договори што се ратификувани во согласност со Уставот се дел од внатрешниот правен поредок. 

4.  Законот за ратификација на спогодбата не е во согласност со член 51, член 118 и член 119 од Уставот на Република Македонија. 

5. Спогодбата ја доведува Република Македонија во положба на потчинетост и зависност спрема друга држава, односно Република Грција. Според член 308 од Кривичниот законик, „Граѓанин кој ќе ја доведе Република Македонија во положба на потчинетост или зависност спрема некоја друга држава, ќе се казни со затвор од најмалку пет години“.

Договорот за решавање на спорот за името помеѓу Македонија и Грција го потпишаа министрите за надворешни работи на двете земји Никола Димитров и Никос Коѕијас на 17 јуни во Псарадес, на грчката страна на Преспанското езеро. На потпишувањето присуствуваа и премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, медијаторот на ОН во спорот со името Метју Нимиц, потсекретарката за политички прашања на Светската органзиација Розмари Ди Карло, високата претставничка на ЕУ за надворешна и безбедносна политика Федерика Могерини и комесарот за европска соседска политика и преговори за проширување на ЕУ Јоханес Хан.