Наши истакнати личности во странство ќе добијат МКарта со која ќе добијат одредени бенефиции како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси, објави министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Тој појасни дека МКартата претставува признание и потврда за истакнати личности или поединци од земјата кои живеат во странство, а кои со својата работа и професионалност покажале истакнат успех, а со тоа и вистинска промоција на земјата во странство

– Како нивна родна земја сакаме да им изразиме благодарност, би рекол на симболичен начин – да им вратиме, да им ја компензираме нивната улога на промотори на земјава, преставувајќи нѐ како земја од која доаѓаат успешни и квалитетни луѓе. Тоа се успешни доктори, научници, бизнисмени, културни работници итн., кои сакаме да ги привлечеме кон земјава, да им ја зајакнеме врската и да создадеме потенцијал за нивно поблиско вклучување во нашите општествени текови – додаде тој.

Со картата ќе се добијат и одредени бенефиции, како слободен влез на културни настани, музеи и галерии, би се добило предност при аплицирање за проекти во рамките на програмите за соработка на Министерството за надворешни работи со поединци и здруженија надвор од Северна Македонија, олеснето регулирање на престој во државата и поддршка во случај на нови бизниси кои се ствараат и слично.

Османи кажа дека во соработка со други владини ресори, се работи на проширување на листата на погодности.

Министерот појасни дека е планирано детектирањето на таквите личности да го започнат дипломатско-конзуларните претставништва, а доделувањето ќе се реализира во строго предвидена процедура водена во рамките на Министерството за надворешни работи.