Драгана Спасевска од „Учебници мора да има“ ги истакна барањата на граѓанската иницијатива

Од граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“ денеска соопштија дека нема да ги пуштат своите деца во училиште за да учат од новите програми, без разлика дали наставата ќе биде со физичко присуство или на далечина.

– Нашите деца нема да учат содржини за кои ние родителите не сме информирани и не сме дале согласност и нема да учат исклучиво од дигитални учебници – истакна Драгана Спасевска, која е овластена претставничка на граѓанската иницијатива „Учебници и настава мора да има“.

Претставниците на „Учебници и настава мора да има“ пред Министерството за образование и наука симболично изразија револот пред, за како што велат, т.н. реформи кои упорно се наметнуваат во образованието и ќе почнат од септември.

Спасевска додаде и дека моментно подготвуваат претставки до Уставниот суд за оценување на уставноста на законот за основно образование и концепцијата за основно образование. Незадоволните граѓански иницијативи во меѓувреме ќе достават претставка и барање до Собранието за ставање суспензивно вето на законите и концепцијата, се до пресудата за оценување на нивната уставност. Тие најавија и можност за обраќање до меѓународните институции, како и дека се подготвени за бојкот и протести, доколку не се исполнат нивните барања.

Спасевска напомена дека досега немале средба со Мила Царовска, за која денеска ќе достават барање, а ја повикаа министерката за образование и наука и на јавна дебата.