Интервју со Сотир Лукровски, претседател на патриотското здружение В’мбел

Интервјуто со претседателот на македонско-патриотското здружение В’мбел Егеј, Сотир Лукровски, се појавува со потребата за здружување и обединување на Македонците со егејско/беломорско потекло.

Господине Лукровски, патриотското здружение „В’мбел“ се појавува како рефлексија од потребата за здружување и обединување на Македонците со егејско/беломорско потекло. Зошто токму сега и кои се параметрите кои ја одредуваат вашата визија за влијанието кое здружението треба да го
воспостави во нашево општество?

Најнапред би сакал да Ви се заблагодарам за можноста да разговараме за формирањето на нашето здружение, едновремено осврнувајќи се и на мојата омилена тема, Република Македонија. Што се однесува до моментот на раѓањето на нашето здружение, не би рекол дека идејата е родена токму сега. Едноставно, таа живее во
една поинаква форма повеќе од десет години. Токму овој период го означува времето кога работевме, најнапред на зачувување на споменот и традициите на селото од кое што и јас потекнувам, а тоа е селото В’мбел, Костурска Околија од Егејскиот дел на Македонија. Како што веќе споменав, во изминатиот период од десет години ги
возобновиме средбите меѓу В’мблените. Имено, организиравме три видувања во селото, а четири во Скопје. Понатаму, снимивме документарен филм за нашето село, песната
„Киниса да ода о В’мбел на гости“ доби свое студиско издание. Во тој контекст, станува збор за песна во изведба на групата Молика, која е наша неофицијална химна.
Охрабрени од она што го сработивме сиве овие години, но и водени од идејата за широко соединување на Македонците од Беломорието во едно ново, модерно здружување без никакви хипотеки, здружување кое нема претензии да се користи за личен профит и себепромоција, туку со кое ќе се идентификува и гордее секој Македонец, го формиравме нашето македонско-патриотско здружение В’мбел
Егеј. Се надевам дека ќе успееме да влијаеме во зголемувањето на националната свест пред сѐ кај младите Македонки и Македонци.

Кои се сегашните и идните активности на здружението, и кои би биле резултатите кои ги очекувате од нивното остварување?

За жал, имајќи ја на ум светската пандемска ситуација, сметаме дека е неблагодарно да зборуваме за некаков план на активности. На почетокот од март го одржавме нашето Основачко Собрание во навистина отежнати услови. Планиравме да направиме промоција со мноштво од нашите следбеници и бројни гости, но условите сѐ уште
не ни дозволуваат таков тип на собир. Динамиката ни наметнува да успееме да организираме неколку средби во Скопје преку една година, па така, последната беше во 2018 година, а овогодинешната, се надевам дека ќе успееме да ја реализираме во октомври.  Сепак, носиме спомени од исклучително убава, бројна и емотивна
посета на селото, или подобро кажано посета на гробовите на нашите предци и остатоците од нашите некогашни огништа. Во меѓувреме додека трае оваа ситуација, единствено што ни преостанува е да работиме на медиумска присутност на нашето
здружение и идеја. Исто така, во периодот што следи ќе ги отпочнеме подготовките за реиздавање на монографијата за селото В’мбел од Сократ Пановски, за која има огромен интерес и во дијаспората. Ова дело е сведок за нашето постоење.

Какви општествени промени треба да претпостави постоењето и дејствувањето на здружението „В’мбел“?

За жал, мораме да констатираме дека општествените движења од година во година не одат во прилог на Македонија, Македонците и македонизмот. Па така, ова што ни се случува, едноставно кажано е општествена ерозија во секој сегмент од живеењето.
Ги загубивме основните параметри на културолошко живеење и битисување, а најтажното е да ги гледаме младите, кои ги растеме и воспитуваме да живеат согласно целосно погрешни постулати. Одеднаш, сѐ стана поважно од Македонија и македонштината. Да не заборавиме дека не така одамна нашите семејства лутаа и по дваесет години разделени по светот, но не ги напушти желбата да се соберат еден ден во својата матична држава, зачувувајќи за цело време во својот идентитет и националната свест. Мојот татко и неговите двајца браќа за првпат го виделе и запознале својот татко, мојот дедо, на петнаесет, дванаесет и деветгодишна
возраст. Нашите деца кои растат во помалку или повеќе комфорни услови, мора да бидат свесни за страдањата и борбата на своите предци, предизвикани од оние кои посегнале по нивните домови. Се надевам дека со нашите активности барем малку ќе придонесеме за некакви општествени промени и движења кои ќе го разбудат Македонецот во сите нас.

Дали планирате соработка со домашни и меѓународни организации?

Секако, отворени сме за соработка со сите домашни и странски организации кои ќе можат да ни помогнат во остварување на нашите цели и програма. Интересни за соработка се сите здруженија и организации на Македонците, кои се со сличен карактер и заложби во нашата држава, соседните земји и дијаспората. Соработка со сите меѓународни организации за човекови права кои може да ни помогнат во создавање услови за постепено враќање на нашите огништа, враќање на одземените права на владеење со имотот и правото на државјанство.

Господине Лукровски, како е организирано здружението?

Здружението ќе биде организирано согласно своите органи, како што се претседател, кој го претставува и застапува здружението, Собрание кое е воедно и претставува највисок орган на здружението, Извршен одбор, Надзорен одбор, како и Секретар кој ќе се занимава со техничките работи на здружението. Сите овие тела и позиции ќе се формираат во наредниов период. Покрај органите на здружението, во скоро време ќе организираме и работни комисии како што се: научно-образовна, меѓународна,
фолклорна и правна комисија.

Кој сѐ може да биде дел од вашето здружение?

Сите оние кои се пронаоѓаат и се поистоветуваат со зборовите верба, надеж, љубов, семејство, работа, традиција, патриотизам, религија, нација, татковина, македонштина, Македонија…

Како би можеле заинтересираните граѓани да стапат во контакт со вас, да се информираат за сето она на кое што работите, и да се зачленат во вашето здружение?

Сите заинтересирани за нашето здружение можат да нѐ контактираат на нашата електронска адреса [email protected], понатаму преку нашата фејсбук-страница и лично преку контакт-телефоните. Се надевам во скоро време и во просториите на нашето Здружение.