Делегацијата на војската на Црна Гора, предводена од Началникот на Генералштабот (НГШ), бригаден генерал, Драгутин Дакиќ, во рамки на дводневната официјална посета на Република Македонија и Армијата на Република Македонија, денес имаше официјални средби во Министерството за одбрана и ГШ на АРМ, се наведува во соопштението на АРМ.

НГШ на војската на Црна Гора, генералот Дакиќ, по пречекот со високи воени почести и остварената средба со НГШ на АРМ, генерал-мајор Васко Ѓурчиновски, придружувани од Амбасадорот на Црна Гора во Република Македонија Н.Е Предраг Митровиќ остварија средба и со Министерката за одбрана, Радмила Шекеринска.

За време на средбата, министерката Шекеринска го истакна пријателството и одличната билатерална соработка со Црна Гора во одбраната, особено во военото образование и школување на питомци од Црна Гора во Воената академија „Михајло Апостолски“, искажа уверувањето во понатамошно јакнење на меѓусебната соработка и се заблагодари на поддршката од Црна Гора за интеграциите на Република Македонија во НАТО.

По средбите се одржа официјален состанок на кој присуствуваа и Заменик на НГШ на АРМ, генерал-мајор Азим Нуредин, делегацијата на војската на Црна Гора и дел од клучниот персонал од ГШ на АРМ.

За време на состанокот пред делегацијата, покрај презентирањето на процесот на трансформација во АРМ и учеството во мировните мисии предводени од ОН, НАТО и ЕУ, се разговараше за искуствата од интегративните процеси на Црна Гора по полноправното членство во НАТО, како и за понатамошна билатералната армиска соработка.

На разговорите генералот Ѓурчиновски меѓу другото го истакна значењето на средбите, пред се од аспект на размената на искуства и утврдување на модулите за интензивирање на соработката со Црна Гора, која како најмлада членка на НАТО ги споделува искуствата во процесот на целосната интеграција на Република Македонија во алијансата.

Потврда за искрената и пријателска соработка беше истакната и од страна на генералот Дачиќ, кој кажа дека Црна Гора како земја членка во НАТО алијансата искрено ги споделува искуствата од процесот на трансформација и од почетоците во полноправното членство во Алијансата. Воедно ја повтори меѓусебната соработка во военото образование и во полето на воената обука, пред се во военото воздухопловство, со разгледување на можностите за нејзино проширување преку реализација на заедничка обука и користење на капацитетите на армискиот полигон Криволак.

За време на посетата, делегацијата на војската на Црна Гора, ја посети касарната „Илинден“ каде покрај презентација за полкот за специјални операции, ќе проследи и методско показни вежби на која припадниците на ПСО ќе ја покажат својата обученост.

За време на состанокот пред делегацијата, покрај презентирањето на процесот на трансформација во АРМ и учеството во мировните мисии предводени од ОН, НАТО и ЕУ, се разговараше за искуствата од интегративните процеси на Црна Гора по полноправното членство во НАТО, како и за понатамошна билатералната армиска соработка.

Во текот на попладневните часови генералот Дакиќ ќе биде примен и од Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, а ќе присуствува и на трилатералниот заеднички концерт на Воените оркестри на Република Македонија, Република Бугарија и Црна Гора, кој ќе се реализира вечерва во Домот на АРМ во Скопје.