Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко
Ѓурчиновски, учествува на 181-то заседание на воениот комитет (ВК) на НАТО за началници на генералштабови, кое се одржува денес во седиштето на
НАТО во Брисел.

Ова е прво учество на началник на генералштабот на нашата армија на едно редовно заседание на ова воено тело на НАТО, во кое до полноправното членство ќе биде во улога на поканета членка. Досега началниците на генералштабот учествуваа само на сесите кои беа отворени за партнерските земји, како и за земјите кои учествуваат во мисијата „Одлучна поддршка“ во Авганистан.

По воведното обраќање од страна на претстедавачот на ВК, воздухопловниот
генерал сер Стјуарт Пич, на дискусијата од првата сесија на заседанието, на која
учествува и генералниот секретар Јенс Столтенберг, првите луѓе на армиите се
информирани за клучните стратешки прашања со кои се соочува Алијансата.

На заседанието на ВК на НАТО се разговара за планови и насоки од воен аспект за понатамошно дејствување, и се донесуваат препораки кои понатаму се разгледуваат на состаноци на кои учествуваат министрите за одбрана, од кој следниот е во јуни.

Учеството на првиот човек на Армијата на сите сесии од заседанието на воениот комитет на НАТО, е значајно од аспект што за првпат имаме можност, на иста маса со сите 29 членки на НАТО, да ги проследиме дискусиите за сите крупни прашања на безбедноста во светски рамки.

Минатата година во ноември, ВК на НАТО одржа сесија во Скопје како еден
вид поддршка и упатена порака за постигнатиот прогрес на државава кон полноправното членство во НАТО.