Началникот на генералштабот на Армијата, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски, денес се наоѓа во официјална посета на здружената команда на НАТО во
Брунсум, по неговото учество на заседанието на воениот комитет на НАТО во
Брисел.

За време на престојот во Брунсум, генералот Ѓурчиновски оствари средба со командантот на оваа здружена команда, генерал Рикардо Маркио, по што имаше работен состанок со клучниот персонал на здружената команда.

На состаноците се разговараше за тековните и претстојни активности кои е потребно да се реализираат во процесот на потполно интегрирање на македонската армија во НАТО структурите, како и за планираните заеднички воени активности со НАТО.

Меѓу останатото се дискутираше и за потенцијалниот придонес на единици од АРМ во силите за брз одговор на НАТО, откако членството на државава ќе биде ратификувано.

По завршување на состанокот, генералот Ѓурчиновски во текот на утрешниот
ден ќе оствари средба и со претставникот на Обединетото Кралство во НАТО,
генерал-потполковник, Сер Џорџ Нортон, на која ќе се разговара за билатералната
воена соработка и за согледување на можностите за заеднички активности.