Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство по барање на Ј.П. „Национални шуми“ воведе делумна забрана за движење во шумите со кои стопанисува оваа претпријатие. Забраната за движење започнува да важи од денеска (четврток), а ќе трае се до нејзино отповикување. Оваа одлука е донесена, со цел, превентивна заштита на шумите од појава на пожари на отворен простор.

Оваа забрaна не важи за вработените во Ј.П. „Национални шуми“ и за субјектите кои вршат шумско културни активности на површините со кои стопанисува оваа претпријатие.

За непочитување на оваа забрана од страна на физички лица кои се затекнати да се движат во шума и шумско земјиште, согласно Законот за шуми ќе им се изрече казна од 1.500 до 2.000 евра во денарска противредност.

Исто така се известуваат граѓаните дека заради превенција од пожари се забранува палење на стрништа, плевел и други растителни отпадоци во ловишта. За непочитување на одредбите од Законот за ловство се предвидува казна во износ од 1.500 до 3.000 евра во денарска противреднст.

Забраната не важи за организирани тури на туристи за туристичко разгледување на шумите со стопанска намена, кои ќе бидат одобрени со дозвола од страна на дирекцијата и Подрачните единици на Ј.П. „Национални шуми“.