Текстот за Националната стратегија за дијаспора нашето Министерство ќе го достави до Владата до крајот на јуни, изјави синоќа министерот за дијаспора Едмонд Адеми.

Адеми е во неколкудневна посета на САД, каде во понеделникот во Њујорк имаше излагење во Универзитет Колумбија на тема Македонија и улогата на дијаспората во интегративните процеси на НАТО и ЕУ.

– Со оглед на тоа што најголем дел од нашите иселеници живеат во НАТО и ЕУ земји, тие можат да играат голема улога во интеграциските процеси, изјави тој.

Според него, во изготвување на стратегијата учествуваат претставници од различни владини инстиуции кои имаат делумни надлжности во дијаспората, надворешни експерти, како и експерт од Меѓународната органзизација за миграција, но и претставници од организациите на македонската дијаспора.

– Работните групи во надлежниот ресор за дијаспора работат на акциски план со конкретни мерки кои треба да се реализираат во наредните пет години, додаде тој.

Адеми во Њујорк се сретна со здружението „Дебар“ од Стејтен ајланд, како и со претставници на Обединета македонска дијаспора и Форум за демократска Македонија.

Во Вашингтон тој во средата и вчера имаше средби со Пол Фајфер, висок претставник од Бирото за Европа и Евроазија во Стејт департметот, како и со Роберт Аделхорт, конгресмен од групата на пријатели на Македонија во Конгресот.

Адеми укажа дека Владата работи на воспоставување електронско гласање за иселениците.

– Тоа прашање се разгледува од надлежните органи, но реализацијата на овој проект оди вниматело, бидејќи овде се вклучени разни компјутерски заштити од хакирање и поставување програмски ситеми против можна вмешаност на туѓи држави во нашите избори, посочи тој.

Додаде дека тоа ќе зависи и од политички договор меѓу партиите во делот на измените на Изборниот законик, каде што СДСМ како владеачка партија има позиција дека Македонија треба да биде една избирачка единица.

– На тој начин уште повеќе ќе се олесни начинот на гласање на дијаспората, односно ќе се гласа за една листа без комплицирање на процесот со разни изборни единици и различни градови и места, вели мнистерот за дијаспора.

Адеми се осврна и на проблемот со вадење лични документи на иселениците. Овој проблем го решава интерресорска работна група составена од министерствата за надворешни, внатрешни и за дијаспора која работи на изнаоѓање ефективни решенија за убрзана постапка за вадење лични документи во дипломатско-конзуларните претставништва.

Се работи на решение личните докумени на иселениците да бидат изготвени во рок од 35 до 40 дена, многу пократко отколку што е сега.

– Интерресорската група подготви извештај до Влада во кој ќе бидат понудени решенија за воспоставување систем за убрзано вадење лични карти и пасоши во оние ДПК кои опфаќаат области со поголема концентрација на наши иселеници. Овој е истиот ситем, кој го има во одделенијата на МВР во Македонија, кој треба да биде поврзан со базата на податоци на централата во Скопје. Со тоа целата постапка со изработка и испраќање на личните документи преку ДПК-а до местото на живеење ќе биде многу побрза, појасни министерот Адеми.