За разлика од зголеменото ниво на загриженост кај соседите, особено во Србија, од можноста за отворање бази на НАТО во Македонија, овдешните воени аналитичари проценуваат дека ниту сега, ниту во скоро време нема да има основа за такви очекувања и шпекулации, а потврда за тоа дојде и од Министерството за одбрана и од НАТО

Секоја ратификација на Протоколот за членство на Македонија во НАТО во парламентите на земјите-членки на Алијансата, за земјава значи чекор поблизу до целта за која се чека повеќе од десетина година. Паралелно со тоа, и во регионот со голема внимателност се следи процесот и се анализираат можностите и последиците од македонското членство во НАТО. Зголемената претпазливост особено е изразена во медиумите од соседна Србија, каде што јавноста се уверува дека НАТО планира да отвори база во срцето на Македонија. Според пишувањата на српски „Новости“, САД се подготвени да ја финансираат модернизацијата на воената база Криволак уште пред полноправното членство на Македонија во НАТО и дека големи се и шансите тој полигон потоа да стане и официјална база на воениот сојуз. Како аргумент за ваквите најави се наведува тоа што НАТО, во рамките на проектот за модернизација на базите на Балканот, има намера само во воздушната база Кучова во Албанија да вложи 50 милиони евра. Повикувајќи се на наводи од македонските медиуми, српските воени аналитичари проценуваат дека Алијансата планира да ја потроши приближно истата сума за модернизација на некогашниот најголем воен полигон на ЈНА во земјава. Истовремено се најавува и можност за изградба на нова база во Куманово.

– На тој полигон можат да се симулираат сите временски и теренски услови: рамници, пустини, ридови, води… Нив тој терен ги интересира и речиси сум сигурен дека таму ќе формираат база. Тука постојат идеални услови за обука на НАТО-силите и тоа не само за Европа, туку и за Африка и Азија, зашто е можна симулација и на пустински услови за борба – смета српскиот воен аналитичар Љубан Каран, офицер на КОС во пензија.
Каран е уверен дека базата на НАТО во Македонија ќе биде побрзо направена отколку таа во Албанија, бидејќи условите во земјава се оперативно подобри, а и стратегиски повеќе ѝ одговараат на Алијансата. Освен тоа, српските аналитичари сметаат дека НАТО-инвестициите во Македонија нема да завршат на Криволак, туку реална е и опцијата да се изгради и база во Куманово, што во Србија се проценува како реална опасност од Алијансата, доколку не бидат во добри односи со неа.
За разлика од зголеменото ниво на внимателност во соседството од можноста за формирање НАТО-бази во Македонија, македонските воени аналитичари проценуваат дека ниту сега, ниту во скоро време, нема ниту функционална ниту законска основа за такви очекувања и шпекулации.

– Што се однесува до функционалноста на воениот полигон Криволак, тој е фортификациски уреден за сите видови воени вежби и претставува еден од најсовремените воени полигони и вежбалишта во Југоисточна Европа. Основната функција на тој полигон е извежбување на силите на АРМ, но со оглед на неговите можности, тој овозможува и странски воени сили да спроведуваат такви вежбовни активности. Секако, со претходно потпишан договор и со одреден надомест, предвиден со законски одредби на државата. Освен таквите активности, со т.н. изнајмување со надомест на полигонот Криволак, ниту сега, ниту во скоро време не постои намера за негова трансформација во база на НАТО. Засега не постои ниту законска основа за таква трансформација. За такво нешто би требало да се направат и законски измени, но и промени во улогата и функцијата на воениот полигон – објаснува Благоја Марковски, воено-политички експерт.
Освен тоа, како што додава, евентуалната трансформација на Криволак во база на НАТО би значело постојано присуство на припадници на НАТО во базата и тогаш македонската армија би требало да ги усогласува своите активности на полигонот според условите и со дозвола на структурите на Алијансата.
Од македонското министерство за одбрана, на прашањето на „Нова Македонија“ дали постои основа за шпекулациите во регионалните медиуми за скоро формирање на НАТО-бази во Македонија, велат дека таква тема не е отворена во досегашната комуникација со структурите на НАТО.

– Ниту ние планираме такво нешто од наша страна, ниту НАТО има отворено такво прашање. Армискиот полигон Криволак е еден од клучните ресурси на Армијата на РСМ. Со својата местоположба, климатски услови, релјеф и конфигурација на теренот овозможува услови за изведување најразлични видови обука, како на единиците на армијата така и на единиците на вооружените сили на земјите-партнери. Еден од проектите на Министерството за одбрана во соработка со партнерите е промоција на армискиот полигон Криволак како регионален и меѓународен капацитет за обука. Развојот и промоцијата на АП Криволак е еден од приоритетите на Министерството за одбрана и на армијата. За таа цел, Министерството за одбрана со сопствени средства и во соработка со партнерите вложува напори за дополнителен развој и модернизација на полигонот. Тоа е и дел од стратегиските интереси и планови на Министерството за одбрана и на армијата – велат од Министерството за одбрана.
Дека наводите според кои НАТО подготвува модернизација на базата во Криволак и за отворање на уште една база кај Куманово се лажни, потврдиле и од службата за односи со јавноста од НАТО.

– Ова е невистина. Северна Македонија сѐ уште не е членка на НАТО. Криволак е и ќе остане национална база – кажале од НАТО.
Оттаму дообјасниле дека НАТО има Програма за безбедносни инвестиции, која ги покрива сите главни проекти за изградба во земји-сојузнички, и дека тие проекти се разгледуваат само во земјите-членки.