Фото: Дарко Андоновски

Според безбедносните аналитичари, повлекувањето на американските војски од кризните жаришта во светот со сигурност ќе предизвика зголемување на безбедносните ризици и политички турбуленции меѓу сојузничките земји во НАТО, а би можело да се засили дејствувањето на терористичките организации во светот, но и да се зголеми присуство на Русија и на Кина на овие локации

Какви безбедносни импликации ќе предизвика најавата за повлекување на американските војници од мисиите во Африка и Блискиот Исток и како ова случување ќе се рефлектира врз сојузниците и функционирањето на НАТО, од кое Македонија наскоро ќе биде дел. Ова се некои од дилемите што се актуелни во јавноста по информациите на „Њујорк тајмс“ дека САД планираат да го намалат значително военото присуство во Западна Африка, дури и да се повлечат целосно војниците што учествуваат во борбата против тероризмот.

Во текстот уште се додава и дека планот на Вашингтон е наскоро да се напушти неодамна изградена база за беспилотни летала вредна 110 милиони долари во Нигер, да се прекине помошта за француските сили што се борат против милитанти во Мали, Нигер и Буркина Фасо и да се повлечат околу 7.000 војници во овој дел од светот.
Повлекувањето на американските сили од Африка ќе предизвика и планови за намалување на глобалното американското воено присуство во Јужна Америка и на Блискиот Исток во Ирак и во Авганистан.
– Одлуката на Пентагон се очекува да биде донесена во јануари – се вели во анализата на „Њујорк тајмс“.

За потсетување, минатиот месец, и новинската агенција „Ројтерс“ информираше дека САД одлучиле да ги повлекуваат сите свои војници од северна Сирија во истиот период кога Франција ги засилила мерки за безбедност на нејзината војска и цивилите во оваа земја, поради тешките борби меѓу силите предводени од Турција и курдските борци.

Во контекст на актуелните случувања, за забележување се информациите дека онаму од каде што САД ги повлекуваат своите сили, нашата земја има распоредено свои војници. На почетокот од месецот, Владата одлучи војници да АРМ од 2020 година да бидат распоредени во мировни мисии што ги предводи Франција во Африка. Ова го најави неодамна и претседателот на државата и врховен командант Стево Пендаровски. Дополнително, македонски мировници со години се распоредени и во мировни мисии на Блискиот Исток. Токму оваа наша определба со испраќање војници во светот е во контекст на нашето скорешно зачленување во НАТО и на државната определба за борба против светскиот тероризам.

Во меѓувреме, безбедносните експерти со кои се консултиравме за актуелните случувања велат дека повлекувањето на американските војски во светот со сигурност ќе предизвика зголемување на безбедносните ризици и политички турбуленции меѓу сојузничките земји во НАТО. Тие истакнуваат дека повлекувањето на војниците, најверојатно, се должи на политичкиот судир во НАТО, кој постои меѓу претседателот на САД Доналд Трамп и европските сојузници предводени од францускиот претседател Емануел Макрон, но и на спроведувањето на генералните политики на Америка за намалување на трошоците наменети за функционирањето на нивната воена машинерија.

Аналитичарите истакнуваат дека повлекувањето со сигурност ќе предизвика и безбедносни рефлексии со што би можело да се засили дејствувањето на терористичките организации во светот, но и простор да се зголеми присуството на воените суперсили на Русија и Кина на овие локации.
Докторот на воено-политички науки Благоја Марковски вели дека актуелните случувања со сигурност ќе предизвикаат импликации, кои можат да имаат политички и безбедносни димензии.

Марковски оценува дека американското повлекувањето од кризните жаришта во светот нема да ги наруши релациите меѓу сојузниците во НАТО, но истото тоа може да се протолкува и како своевиден одговор на заладените релации што Трамп ги има со францускиот претседател Макрон, кои се однесуваат на иднината на Алијансата.
– Она што е битно да се знае од македонска перспектива на случувањата, е дека нашите војници ќе бидат безбедни во мировните мисии во местата од каде што Американците најавуваат да се повлечат. Тоа го велам поради фактот дека секогаш кога САД се повлекува од одредени мировни мисии, тие се заменети со дејствувањето на други сојузнички војски или, пак, со враќањето на контролата на домашните локални војски, кои функционираат во координација со меѓународната заедница – вели Марковски.

Тој истакнува дека конкретно во Африка состојбата со сигурност ќе се промени кога САД ќе се повлечат, но истовремено безбедноста нема да се наруши во овој дел од светот бидејќи Франција е повеќе од способна да ги спроведува мировните мисии.
Пецо Трајкоски, од форумот за истражување безбедносни политики „Секуритас“, вели дека повлекувањето на американските трупи, иако не е неочекувано со оглед на политиките на претседателот Доналд Трамп, лошо е за Блискиот Исток бидејќи сето тоа остава простор во овие земји повторно да дејствуваат ИСИС, Ал каеда или талибанците.

Експертот оценува дека овие одлуки на САД можат да се оценат и како мерки што се дел од нивната стратегија за репозиционирање, и нов пристап кон борбата со тероризмот и дејствувањето во безбедносните структури на НАТО.
Трајковски, на крајот, резимира дека генерално овие повлекувања им оставаат и голем простор на други воени сили да го зголемат своето влијание низ светот и меѓу нив можат да се вбројат и сојузниците на САД, кои потекнуваат од НАТО и од ЕУ, но и земји како Русија и Кина.

[email protected]