Дали европските воени сили и трупите на НАТО се меѓусебнo паралелни и постои ли конкуренција во поглед на дејствувањето на европскиот и на американскиот безбедносен систем што ги затегнува релациите меѓу ЕУ и САД? Овие дилеми станаа актуелни во јавноста по редицата написи на светските медиуми на овие теми и големиот број политички случувања во земјите на двете страни на Атлантикот.

Американскиот новински интернет-портал „Блумберг“, на оваа тема, истакнува дека САД бараат уште поголема соработка со ЕУ во полето на одбраната и во тој правец тие ги засилуваат барањата од европските сојузници, но овие зголемени релации, пак, во одбраната е возможно да влијаат и со тоа што ќе се заладат трговските врски помеѓу Америка и европските држави.

Според „Блумберг“, овие американски дејства се должат на оправданиот страв дека е возможно во иднина Американците да ги изгубат набавките на оружје и воена техника од европските земји. Медиумот потсетува дека со неодамнешното формирање на Постојаната структурна соработка (ПЕСКО) и воведувањето на нивните правила во оваа област од страна на ЕУ, се отежна американската продажба на оружје во Европа и со тоа се дава приоритет за продажба на оружје во ЕУ од страна на европските компании.
„Блумберг“ истакнува дека доказ за оваа констатација е јануарското одбивање на Германија да набави нови американски стелт-авиони „Ф-35“ како замена на застарената флота на авиони од моделот „торнадо“, во полза на купување на авионите „еурофајтер тајфун“, кои ги произведуваат државите на ЕУ. Американскиот медиум потсетува дека тамошниот претседател Доналд Трамп е незадоволен од висината на финансиите што ја одвојуваат за одбраната европските НАТО-партнери, а новите релации во воената трговија само ги влошуваат работите.

Порталот во тој контекст го цитира истражувањето на Лондонскиот институт за стратегиски студии, кој неодамна пресмета дека европските држави, кои се членки на НАТО, во иднина ќе мораат да потрошат помеѓу 288 и 357 милијарди долари ако сакаат да ги дополнат празнините на нивните воени капацитети доколку го изгубат САД како воен стратегиски партнер.

Електронското издание на германскиот „Шпигел“, пак, информира дека неодамна две високорангирани функционерки на американскиот претседател Доналд Трамп ѝ испратиле писмо на ЕУ-дипломатката Фредерика Могерини, во кое го изразиле своето негодување за формирањето на европскиот фонд за развој на оружја.
Весникот истакнува дека писмото до Могерини било потпишано од Елен Лорд, водачка на службата за електронски набавки на Пентагон, и Андреа Томсон надлежна во Одделот на Стејт департментот за контрола на вооружувањето и интернационална безбедност.

Новинската агенција „Ројтерс“, пак, во свој осврт на случувањата насловен „Отровни апчиња“, пишува дека Пентагон ѝ се обраќа на ЕУ со барање таа да не ги блокира американските компании од одбранбениот пакт.
– Новиот европски воен пакт носи ризик да ги блокира американските компании од нивните договори, а со тоа се поткопува НАТО – пишува новинската агенција.
Слични информации пренесува и „Дојче веле“, кој во своја информација на темата додава дека американските стравувања се неосновани бидејќи новите европски сили се поддржани и од Јенс Столтенберг, генералниот секретар на НАТО, кој додал дека поддршката ќе важи до оној момент додека тие не ја зголемат Алијансата.
Во контекст на овие актуелни случувања, стручната јавност во земјата во сублимиран заклучок советува дека Македонија треба будно ги следи овие актуелни релации помеѓу САД, кој е наш најголем стратегиски партнер, и земјите од ЕУ, во чија заедница се стремиме да се приклучиме.

Докторот на воено-политички науки, Благоја Марковски, вели дека кога ќе се говори на темата треба да се направи јасна разлика во тоа што е европскиот безбедносен систем, што се европските сили и што претставува НАТО. Според Марковски, европскиот безбедносен систем е полето во кое дејствуваат и НАТО и европските сили, а правилата по кои се организираа тој се предмет на актуелните пишувања на медиумите.

– Од друга страна, европските безбедносни сили и структури се олицетворение на желбата на Европа да создаде своја армија, која е, според мене, своевиден дупликат на НАТО. Но, за жал, или, за среќа, јас мислам дека овие европски структури никогаш нема да го имаат приматот во дејствувањето што го има НАТО.
Оттука може да се заклучи дека во иднина најверојатно нема да се создаде некаков паралелен европски систем на безбедност бидејќи тој веќе постои и е во состав на Алијансата, која силно е поддржана од САД во секое поле на дејствувањето – вели Марковски.

Воено-политичкиот аналитичар Милан Стефаноски вели дека интересот на нашата земја за ова прашање е разбирливо голем.
– Првенствено тоа е така бидејќи стратегиска цел на Македонија е да биде дел и од двете структури. Првенствено по решавањето на спорот за името со Грција се очекува годинава да станеме и 30-та членка на НАТО, а секундарно поради фактот дека од 3 јули 2006 година, АРМ веќе е дел од европските борбени групи на Унијата, заедно со Германија, Шпанија, Холандија и Белгија, а од 2012-та, по потпишувањето на ад хок документ нашата војска е и учесник во воените мисии на Европската Унија како онаа во БиХ. Натаму, овие случувања се геополитички битни за Македонија бидејќи актуелни безбедносни процеси ја поттикнуваат нашата држава да размислува да се приклучи кон иницијативата на Германија и на Франција, кои по брегзит се водачите на Европа за формирање ефективна европска заштитна политика, настрана од онаа на НАТО – вели Стефаноски.

Тој истакнува дека двете воени формации меѓусебно не се конкуренција, бидејќи истите држави членуваат и во двете безбедносни групи, но додава дека во иднина, во зависност од геополитичката клима, состојбата би можела да се промени доколку САД го напуштат НАТО како што тоа го заговара актуелниот претседател на Америка Доналд Трамп.

Универзитетскиот професор Атанас Козарев во европските сили ја гледа вековната потреба на ЕУ за сопствена армија, која е чекор поблиску до формирање некоја идна и подобра унија на Европа, а сето тоа е сон на многу генерации Европејци.
Според него, НАТО, пак, дава сосема нова димензија на безбедноста на Европа, а Алијансата е практично олицетворение на едно светско воено дејствување со кое се заштитуваат европските демократските држави и САД од безбедносните глобални закани.

Професорот верува дека откога ќе завршат преговорите, кои периодов се водат помеѓу Вашингтон и Брисел за трговскиот трансатлантски договор помеѓу САД и ЕУ, состојбата на ова поле ќе се смири, а релациите помеѓу НАТО и европските сили (кои се во процес на изградба) ќе се хармонизираат.

[email protected]