Фото: Маја Јаневска-Илиева

Помина уште една демографска година за Македонија, во која статистиката бележи пад на процентот на новороденчиња од македонска етничка припадност, а расте бројот на новороденчињата од родители припадници на малцинствата во земјава. Во 2018 година речиси половината новородени деца не се етнички Македонци, родени од татко Македонец. Од вкупно 21.333 родени деца во 2018 година, само 10.761 дете се со еден родител етнички Македонец. Другите 10.572 новородени се припадници на друга етничка заедница во земјава. Најмногу ѝ припаѓаат на албанската етничка заедница – околу 7.105 новородени деца, на турската 971 дете, на ромската 934 деца.
Во споредба со бројките од 2010 година досега, минатата година првпат се родени помалку од 11 илјади македонски деца.

Според статистичките податоци, ако се направат анализи на живородените деца според припадноста на етничката заедница на мајката и на таткото, тогаш може да се заклучи дека процентот на новороденчињата од немакедонско потекло е сосема близок до оној на новородени Македонци.

Тоа, според демографите, покажува дека на подолг рок, ако продолжи овој тренд, процентот на етнички Македонци може да се спушти и под 50 отсто во споредба со немакедонското население. Предупредувањата се толку алармантни што одат дотаму што постои опасност, ако не се преземат сериозни и ефективни мерки, дека би можело да се смени етничката структура во државата!?

Веќе е познато дека во земјава никој не се занимава со феноменот на демографските трендови и движења на населението, како и со тоа кои се главните причини за ваквата намалена стапка на наталитет кај македонскиот етнички ентитет како носечки чинител на својата држава.
Иако според демографите причините за овој тренд се од глобален карактер, тенденцијата на сѐ помалку склучени бракови и семејства со малку деца, сепак, велат дека во Македонија голем фактор се и економската (не)моќ на населението и иселувањето?

Демографот Дончо Герасимовски вели дека веќе две децении е познато дека наталитетот во земјава сѐ повеќе се намалува. Истата состојба, можеби и полоша, се случува и во соседните балкански земји.
– Причина за ова е иселувањето на младите, кои ја прават репродукцијата на населението, како и тоа што во едно семејство нема повеќе од три до четири деца. Се очекува следните години да се промени етничката карта на населението, токму поради тоа што во некои региони од земјата се раѓаат само деца од мајки што се етнички Албанки, Ромки, Турчинки, Влаинки, односно не се раѓаат деца од мајки Македонки. Проблем е и тоа што во нашата статистика не се бројат оние деца што се раѓаат во странство, а етничкото потекло на нивните родители е македонско – вели демографот Герасимовски.

Според него, во странските држави веќе одамна постојат институции, во ранг на министерства, што се занимаваат со миграциската состојба, како и со популациската политика во конкретната земја, нешто што за нашата земја не е случај.
Социолозите сметаат дека бројките се показател дека специфичните стапки по етничка припадност, како и вкупната стапка на наталитет во Македонија, се во опаѓање. Велат дека трендот на опаѓање кај македонското население е проследен и со паралелно опаѓање на специфичните стапки на наталитет кај немакедонското население. Според нив, овие промени се прецизен показател за тенденцијата на намалување на склучувањето бракови, што влијае врз родноста и планирањето на семејството.