Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во анализата што се однесува на македонскиот образовен систем резултатите покажуваат дека нашите ученици, за жал, покажуваат перманентно слаби резултати. За надминување на ваквите состојби, потребно е да се има поголема селективност за прием на наставничките факултети, а кадрите што ќе бидат едуцирани на тие факултети да бидат врв во образовниот процес (што подразбира и врвни оценки деветки и десетки, наместо петки и шестки), бидејќи тие самите ќе „произведуваат“ ученици, студенти и млади луѓе што треба да имаат знаење и вештини на кои ќе се потпираат општество и држава што сакаат да имаат динамичен просперитет

Министерството за образование и наука во моментов изработува втора нацрт-верзија на новиот закон за основно образование. Во него ќе бидат вметнати сугестиите и препораките на ОЕЦД и на УНИЦЕФ што неодамна беа презентирани во јавноста, изјави на брифинг со новинарите министерот Арбер Адеми.
Инаку, анализата се однесува на македонскиот образовен систем, односно со фокус на резултатите што ги даваат нашите ученици. Генерално, резултатите покажуваат дека нашите ученици, за жал, покажуваат слаби резултати. Таквиот индикатор, кој се покажува како хроничен, индицира дека треба да се преземат зафати за генерален ремонт на системот за образование.
За „Нова Македонија“ во Министерството потврдија дека во процесот на создавање на новиот закон ќе ги „слушаат“ сугестиите на странците, за, како што велат, да се создаде поквалитетен образовен систем.
– Во новиот закон ќе бидат интегрирани сугестиите и предлозите содржани во извештајот произлезен од анализата на состојбите во основното и средното образование, која ја подготвија ОЕЦД и УНИЦЕФ, а во соработка со нас како министерство и со другите засегнати институции и установи. Потоа, новата верзија на законот ќе биде ставена на јавна расправа и преку еден инклузивен пристап ќе се подготви финалната, која ќе биде проследена до Владата, а потоа и до Собранието – вели Адеми.

Инаку, прегледот на системот на оценување и евалуација на образованието покажа дека има многу слаби страни на кои мора да се работи. Така, слаба страна на национално ниво е отсуството на национална стратегија за оценување, а проблем е и тоа што не се децентрализирани собирањето и чувањето податоци за образованието. Исто така, се препорачува и да се разгледа повторно идејата за рангирање на училиштата врз основа на резултатите на учениците од националното оценување.
Во врска со државната матура, стои дека е потребно таа да се ревидира, односно да се ревидира скалилото на оценки. Потребно е да се спроведе и кариерно напредување засновано на заслуги на наставниците, да се воведат процедури за обезбедување квалитет и интегритет на просветниот инспекторат, како и да се подобри пристапот до податоци за училиштата.

Една од важните препораки е и да се избираат најквалификувани кандидати за наставници и да се обезбеди адекватна поддршка за време на приправничкиот стаж, но и да се постават високи стандарди за акредитација на студиски програми за иницијално образование за наставници.

„Потребно е да има поголема селективност за прием на наставничките факултети, како и да се разгледа можноста за воведување државен квалификациски испит. Неопходно е да се обезбеди квалитетна менторска поддршка за сите наставници во текот на приправничкиот стаж“, пишува во извештајот.

Во однос на оценувањето, пишува дека резултатите од оценувањето на учениците се недоследни и може да не ги отсликуваат знаењето и способностите на учениците. „Многу наставници сѐ уште го користат оценувањето за да дадат лично мислење/суд за учениците. Државната матура, пак, не секогаш го мери учењето во најважните области кај учениците“, се додава во анализата.

Една од сугестиите на ОЕЦД и УНИЦЕФ е и македонските власти да размислат да се воведе оценување проекти на крајот од предметната настава, за да се направи информиран избор за средно училиште.

Во секој случај, фактичката состојба ја покажа самата анализа, која констатира повеќе клучни слаби страни што мора да бидат отстранети. На национално ниво, мора да се донесат што повоедначени критериуми како национална стратегија за оценување, а собирањето и чувањето податоци за образованието да бидат централизирани. Но суштинска работа за која веднаш и силно треба да се реагира е тоа дека е потребно да се има поголема селективност за прием на наставничките факултети, а кадрите што ќе бидат едуцирани на тие факултети да бидат „врв во образовниот процес“, бидејќи тие самите ќе „произведуваат“ ученици, студенти и млади луѓе што треба да имаат знаење и вештини на кои ќе се потпираат општество и држава што сакаат да имаат динамичен просперитет.

Фото: Маја Јаневска-Илиева