Новата концепција за основно образование што ја нуди Министерството за образование и наука ни дава можност да ја покажеме нашата креативност и да се докажеме како наставници, преку поголемата слобода во изведување на воспитно-образовниот процес. По години назадување, на реформата гледаме како можност за промена на образовниот систем и приближување до најдобрите образовни системи во Европа и светот, рекоа наставниците по средбата со Министерството за образование и наука, Бирото за развој на образование и членовите на работната група, во рамки на широкиот консултативен процес за предложените реформи во основното образование.

Професорката Елена Масторидис од ОУ Лазо Трповски во о.Карпош, рече дека првпат по 30 години работно искуство, се појавила министерка којашто овозможила да се слушне гласот на наставниците и да дадат придонес врз основа на искуството, за да може новата концепција успешно да почне во септември 2021.

Став на наставниците е дека промените се прават во најдобар интерес како на наставниците така и на учениците.

– Сметам дека апсолутно треба да ја поддржиме, да ја прифатиме, да дадеме зелено светло на новата концепција којашто ја нуди Министерството, на којшто начин ќе можеме да се докажеме и ние како наставници, нашата креативност, и се она што досега ни било ограничено, а имаме поголема слобода во изведување на тој воспитно-образовен процес и во остварување на нашите цели – рече Марина Видикова од ОУ „Тоде Хаџи Тефов“ од Кавадарци.

И Рухи Демири од ОУ „Луиѓ Гаракуќи“ од Желино ги поддржува промените во образовниот систем, бидејќи „со нив добиваат учениците, наставниците и сите директно вклучени во системот на образование“. Тој очекува со новата концепција подобра и поквалитетна настава, а со тоа и подобра иднина.

Реформата на основното образование ќе придонесе за враќање на изгубената вредност на професијата наставник, ќе ги мотивира најдобрите ученици да сакаат да бидат наставници а оние кои веќе се во образованието, добиваат можност за напредок и развој.

За наставниците е целосно прифатливо фокусирањето на професионалниот развој, што значи напредок во кариерата, повисоки примања и подобри услови за работа. Рекоа дека овие промени наставниците ги бараат години наназад и сега, со реформата, конечно ќе се реализираат. Сметаат дека промените ќе значат квалитативен исчекор, токму затоа што наставниците се вклучени од самиот почеток во подготвување на реформата и што нивните мислења се целосно имплементирани.

Наставниците истакнаа дека за нив е клучно што сите наставници по сите предмети продолжуваат со работа, но на еден поинаков начин, преку соработка меѓу себе и заедничко оценување. Ќе следат тромесечни темелни обуки, со цел успешно имплементирање на реформата.