Новата учебна година на подрачјето на општината Тетово ќе почне со три целосно реконструирани училишта и со интензивирање на напорите сите училишни објекти да работат само во една смена, информираат од тетовската локална самоуправа.
Ахмед Ќазими, раководител на Секторот за јавни дејности, вели дека во текот на летниот распуст се изведувале повеќе градежни потфати во училишните објекти.
– Новата учебна година ја почнуваме со две главни новини. Во Фалише има сосема нови училници во училиштето како и објектите во Бозовце и Вешала, кои се под централното основно училиште „Беса“ каде што со ова ќе се овозможи настава само во една претпладневна смена. Во напорите да ги следиме одредени европските текови се обидуваме да создадеме процес по кој сите училишта ќе имаат услови да се работи само во една смена. Во зависност од можностите во другите училишта различни се нивоата до кои достигаме – изјави Ќазими.

Според него, во текот на летниот распуст во речиси сите училишта се направени одредени потфати. Некаде тоа подразбира бојадисување или подобрување на тоалетите, а во некои училишта има донесено апарати за дигитално следење на наставата.

– Поголема реконструкција од околу пет милиони денари има за објектите Тетекс 1 и 2 во рамките на градинките „Младост“. Реновирани се сите простории во административниот дел, сите училници, а има и нов инвентар и надгледни средства. Се обидуваме да има модерни услови и сите училници да имаат посебни бањи и тоалети и помагала за децата да бидат згрижени и удобно да се чувствуваат – вели раководителот на секторот.

Во текот на учебната година ќе се работи и на отворање нови центри за ран детски развој во рамките на училиштата.