Насер Зибери со седум гласа „за“ е утврден за предлог-кандидат за народен правобранител, на предлог на ДУИ, додека Собраниската Комисија за прашања на изборите и именувања, на денешната седница ја утврди листата на пријавени кандидати за избор на претседател и членови на Државната изборна комисија (ДИК).

До Комисијата се пристигнати пријави од 14 кандидати меѓу кои има и поранешни и актуелни членови, но и вработени во службите во Комисијата и правници, откако заврши огласот за членови на ДИК. Мандатот на актуелниот состав завршува на 15 јануари. Единствено ВМРО-ДПМНЕ досега ја потврди поддршката за Александар Даштевски за претседател на ДИК.

Откако Комисијата за прашања на избори и именувања денеска ќе ја утврди листата на кандидати, според процедурата ја испраќа до претседателот на Собранието Талат Џафери, кој пак во рок од три дена ја препраќа до партиите кои треба да се изјаснат кои кандидати ги поддржуваат. Листата со поддржани кандидати се доставува назад до Комисијата за прашања на избори и именувања, која ја утврдува и потоа таа се доставува до пленумот кој треба да гласа. Партиите немаат рок за одговор, но постапката може да заврши во рок од еден ден, според досегашите искуства.

На огласот за народен правобранител пристигнале четири кандидатури. Од страна на пратеничката на ДУИ Теута Биљали Зендели на седницата беше предложено Насер Зибери да биде утврден како кандидат на Комисијата за народен правобранител. По ова реагираше пратеничката група на Алијанса на Албанците и Алтернатива.