Скинати ќебиња, распаднати душеци, тоалети надвор од затворската зграда, негрижа за здравјето на затворениците и нехуман третман од страна на затворските службеници се дел од забелешките во годишниот извештај на народниот правобранител.

Исто така, полициските службеници не се доволно информирани и подготвени да препознаваат ранливи групи притвореници меѓу азилантите, што претставува главен индикатор за можен ризик од нечовечно и понижувачко постапување кон лицата што се задржуваат или се лишени од слобода, вклучително и бегалците и мигрантите, беше посочено како клучна забелешка од годишниот извештај на народниот правобранител, презентиран од заменичката Васка Бајрамовска-Мустафа, за Националниот превентивен механизам.

Од анализите на Националниот превентивен механизам може да се утврди дека најчестите забелешки се однесуваат на инфраструктурните услови во затворите, нехуманиот третман на затворениците, потоа лошата административна распределба на канцелариите во полициските станици и како екстремен е наведен примерот со затворите во Тетово и Гевгелија, каде што нема полициски службеник од женски пол, со што пристапот кон притворениците жени или деца го прават службеници мажи.

Во извештајната постапка биле спроведени вкупно 42 превентивни посети, од кои 11 на полициски станици и затвори и 31 посета во местата на сместување и задржување бегалци. Освен ова, било спроведено и едно истражување за степенот на почитување на правата на странските државјани кои издржуваат казна затвор во КПД „Идризово“ за што биле спроведени две наменски посети во оваа установа.

Годишниот извештај народниот правобранител ќе го достави до Владата, Собранието, надлежните министерства и до другите институции и установи во кои се врши лишување или ограничување на слободата на движење. Извештајот ќе го добијат и меѓународните институции и организации што работат на полето на превенција и заштита на човековите права, вклучително и Поткомитетот за превенција од тортура на Обединетите нации и Европскиот комитет за спречување тортура и нечовечно понижувачко постапување или казнување.