Фото: Маја Јаневска-Илиева

СЀ ПОЧЕСТИ СЕ ПОПЛАКИТЕ ЗА НЕИСПРАВНОСТ,
ПА ДУРИ И ЗА НЕБЕЗБЕДНОСТ НА ПРОИЗВОДИТЕ

Разните адаптери, уесбе-полначи, детектори за чад, но и облека и козметика нарачани преку популарните платформи „Али експрес“, „Амазон“, „Ибеј“ и „Виш“ не подложат на никаква гаранција и контрола од страна на институциите во земјава. Наспроти тоа, граѓаните сѐ почесто се жалат поради неисправност, па дури и небезбедност на производите

Македонските граѓани сè помасовно купуваат разни производи преку интернет, но ниската цена, пред сѐ на електронските уреди, секогаш не гарантира исправност, така што често се случува да пристигнуваат и небезбедни производи.
Разните адаптери, уесбе-полначи, детектори за чад, но и облека и козметика нарачани преку популарните платформи „Али експрес“, „Амазон“, „Ибеј“ и „Виш“ не подложат на никаква гаранција и контрола од страна на институциите во земјава. Наспроти тоа, граѓаните сѐ почесто се жалат поради неисправност, па дури и небезбедност на производите.
– Пред извесно време порачав мал апарат за заварување преку интернет. Најпрво што забележав е дека е несоодветно спакуван, но поминав преку тоа. Инструкциите беа само на еден мал лист и никаде немаше некаква гаранција. Кога се обидов да заварам една помала метална ограда во мојот двор, дојде до електричен испад, при што целосно ми се оштети домашната инсталација, а дојде до прекин во снабдувањето на неколку соседни куќи бидејќи се исклучи склопка во заедничкиот трансформатор – вели Драги К. од Скопје.

Слично искуство споделува и скопјанецот Синиша Јанчевски, кој вели дека преку „Али експрес“ нарачал видеоконвертор, кој никогаш не проработел.
– Кога го вклучив уредот не работеше, а прво што забележав е дека кога беше вклучен беше необично жежок. Го исклучив бидејќи ми беше страв да не дојде до некаков пожар, оти читав дека често доаѓало до опожарување на електронските уреди. Се обидов да си ги повратам парите, но и тоа не се оствари – вели Јанчевски.
Познавачите на состојбите со интернет-тргувањето велат дека купувањето уреди преку странските интернет-платформи е секогаш на ризик на самите потрошувачи и дека доколку уредот не е исправен, тешко ќе си ги повратат вложените пари, ниту, пак, некој ќе им ја надомести евентуалната штета направена при користењето на тие уреди. Тие советуваат, кога веќе се купува преку интернет, да се обрне внимание на производителот и ако треба и да се плати и поскапо, а не да се купуваат евтини производи чие потекло е сомнително.
Во Организацијата на потрошувачи на Македонија велат дека тие не реагираат кога станува збор за производи купени од странство и преку интернет. Кога станува збор за артикли купени во земјава од познати произведувачи и продавачи, тие имаат неколку препораки до потрошувачите.

– Трговците имаат обврска да продаваат исправни производи, а кога ќе стават во промет неисправен производ, тие одговараат за штетата што би можеле да му ја предизвикаат на потрошувачот и на трети лица. Потрошувачот треба да знае дека за неисправен производ и штетата што настанува од неисправен производ производителот одговара доколку материјалната штета е поголема од 500 евра, а настанала на другите предмети на потрошувачот, а за нематеријална штета, смрт или повреда, според нормите содржани во Законот за облигационите односи – наведуваат од ОПМ.
Инаку, шест европски здруженија за заштита на потрошувачите направија анализа за тоа колку уредите што се порачуваат преку споменатите платформи ги задоволуваат европските безбедносни стандарди, при што дошле до сознание дека речиси 66 отсто од купените артикли не го минуваат тестот за сигурност, односно можат да се запалат, да предизвикаат струен удар или, пак, да дојде до задушување.
Врз секој нарачан производ најпрво била направена визуелна инспекција, а особено е шокантно што дури и таквото „примитивно“ ниво на анализа било доволно да се констатира дека со предметот нешто не е во ред.

На пример, уесбе-полначите се прегревале, детекторите за чад не реагирале на чад, а играчките имале делови што многу лесно се одвојувале од остатокот. Покрај тоа, имало и маички со качулки, кои имале предолги врвки и претставувале реална можност некое дете да се задави. Дополнителен проблем имало и со козметичките производи, како пастите за белење на забите, во чиј состав имало недозволени хемиски супстанции.