Организаторите на настани протестираа пред Владата

Под мотото „ПОМЕН – една година тишина“, со транспаренти во рацете „Спасете ја ивент индустријата”, вработените во продукциските компании за организирање настани се собраа пред Владата со поставени кутии за опрема и со едночасовен молк го изразија својот револт, бидејќи една година не се гласни и не си ја работат својата работа.

Велат тука се со порака дека без поддршка од државата, не ќе можат да опстанат и дека е можно над 20.000 луѓе од оваа индустрија да останат на улица .

Како што изјави Маја Бабиќ, претседател на Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП) која го организира протестот, компаниите од оваа дејност бараат помош во неповратни грантови, како што добија ноќните клубови, за да може додека се затворени да опстанат бројните уметници, продуценти и останати работници кои ја опслужуваат оваа дејност.

– Проценките се дека падот на приходите во ивент индустријата се повеќе од 50 отсто, што значи дека во догледно време ќе значи дека ќе ставиме клуч на врата. Цела година не работиме и не сме препознаени од власта, односно препознаени сме на еден чуден начин. Треба да седнеме да разговараме веднаш за спас на ивент индустријата. Донесоа мерки кои не се разбирливи за нас, а ние треба да опстанеме. Преку 40 компании се загрижени, рентал фирми за опрема, видео и аудио продукции, компании за осветлување, бина, звучници и останати. Ние секогаш сме гласни во нашата работа, но, не сакаме овој пат да бидеме такви, сакаме да тивок начин да го решиме проблемот – изјави Маја Бабиќ, од ИВАП.

Како што објасни таа, претставниците на оваа асоцијација разговарале со вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи уште во јануари и тогаш му понудиле решение за нивната индустрија но, иако добиле ветување, нивното барање не било земено предвид.

Се донеле мерки кои според нив ниту се соодветни, ниту разбирливи. Затоа бараат повторна средба со претставник од Владата за да најдат заедничко прифатливо решение за двете страни.