На 99-тата седница го усвоивме предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за јавни претпријатија, со кој се намалува бројот на членови во управните и надзорните одбори, како една од мерките од планот за борба против корупцијата, објави премиерот Зоран Заев на Фејсбук.

Со предложеното законско решение бројот на членови на управните одбори се намалува на 7 членови во јавните претпријатија чиј основач е Владата, Град Скопје и општините во кои живеат над 50.000 жители, како и на управните одбори на меѓуопштинско јавно претпријатие, а управните одбори на јавни претпријатија основани од општина во која живеат до 50.000 жители се намалува на 5 членови. Бројот на членови на надзорните одбори се намалува на 3 членови.

Дополнително со измените се регулира постапката за избор на членовите на управни и надзорни одбори и висината на надоместокот и се воспоставува целосна транспарентност при постапката за избор на членовите, како и мерит процедура при селекцијата и именувањето.

Според законското решение, за првпат станува законска обврска објавувањето на јавен повик за членови на управни и надзорни одбори на јавни претпријатија и тоа на веб-страниците на Владата, односно општината или Градот Скопје и на веб-страницата на самото јавно претпријатие и тоа три месеци пред истекот на мандатот на актуелниот состав.