Фото: Маја Јаневска-Илиева

Намален е бројот на издадени одобренија за градење во јуни во однос на истиот месец лани. Државниот завод за статистика денеска објави дека во јуни се издадени 205 одобренија за градење што е за 10,9 проценти помалку во однос на минатата година.

Предвидената вредност на објектите изнесува 2.945.737 илјади денари што е за 22,6 проценти помалку во однос на истиот месец лани.

Од вкупниот број на издадени одобренија, 117 се наменети за објекти од високоградба, 45 за објекти од нискоградба и 43 за објекти за реконструкција.

Кај 115 објекти како инвеститори се јавуваат физички лица, а кај 90 објекти, инвеститори се деловни субјекти.

Предвидена е изградба на 554 станови со вкупна корисна површина од 41. 505 м2.