Фото: Маја Јаневска-Илиева

И покрај променливото време, низок степен на заболени од грип е евидентиран во Македонија и во европскиот регион воопшто, но лекарите сепак препорачуваат вакцинација како најефикасен начин на заштита, пред сѐ на бремените жени, децата на возраст до шест месеци, постарите од 65 години, хронично болните и на здравствените работници

Осумнаесет нови случаи на грип регистрирал Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) до 21-ви месецов. Во однос на регистрираните случаи од пред повеќе од две недели, бројот на заболени пораснал за 12,5 проценти. Во однос на минатата сезона, бројот на заболени бележи опаѓање од 60 проценти. Како што е наведено во соопштението од ИЈЗ, најголемиот број заболени се регистрирани во Куманово, каде што седум лица биле со симптоми на грип, додека во Тетово биле регистрирани шест заболени. Во Штип и во Кратово биле регистрирани два случаја, а во Свети Николе едно лице.
– Највисока инциденца се бележи во Дебар од 20,9/100.000 жители, а најниска во Тетово 3,0/100.000 – наведено е во соопштението.

Повеќето од заболените припаѓаат на старосната граница од 15 до 64 години, каде што се регистрирани десет случаи или 55,6 проценти, додека највисоката инциденца е регистрирана кај децата на возраст од пет до 14 години, каде што вкупниот број заболени изнесува шест лица.

– Во сезоната 2017-2018 година, вкупниот број на заболени од грип изнесува 37, што е помалку за 38,3 проценти во споредба со истиот период минатата година, кога биле регистрирани 60 заболени лица. Од почетокот на сезоната 2018/2019, заклучно со 42-та недела, во вирусолошката лабораторија на ИЈЗ РМ не се пристигнати материјали од здравствените установи – од амбулантски и болнички лекувани пациенти за тестирање за присуство на вирусот на грип – се вели во соопштението на надлежните.

Низок степен на заболени од грип е евидентиран и во европскиот регион. Во соопштението е наведено дека вакцинацијата против грип е најефикасниот начин да се заштитите од ова заболување. Од тие причини, како што и препорачува Светската здравствена организација, бремените жени, децата на возраст до шест месеци, постарите од 65 години, хронично болните, како и здравствените работници, важно е да се вакцинираат за да бидат заштитени. За да се заштитите од грип и од другите вирусни заболувања, кои поради променливото време се доста активни, докторите препорачуваат да избегнувате престој во простории каде што има повеќе луѓе. Често и темелно да се мијат рацете со вода и сапун, често да се проветруваат просториите, да се пијат топли напитоци, овошни сокови и супи, како и да се консумираат продукти богати со витамини. Доколку сепак се разболите, важно е да ги заштитите другите членови на семејството, па затоа носете заштитна маска и избегнувајте контакт со членовите на семејството. Редовно користете средства за дезинфекција за да го заштитите преносот на вирусот преку предметите што ги допирате. Доста е важно да се проветрува просторијата за вирусот да не опстојува.