Фото: Маја Јаневска-Илиева

Дваесет и седум риболовни води се без концесија во моментов. Старите се истечени, а новите допрва треба да се спроведат. Од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство велат дека постапките за концесии се во тек и се очекува да завршат кон средината на октомври. Рибарите се револтирани бидејќи платиле годишни дозволи, а не можат да ловат

Риболовните води на Вардар 2 – тетовски, Вардар 5 – неготински, Вардар 6 – демиркаписки, на Брегалница – Делчевско, Злетовска Река, Црна Река 1 – демирхисарски, Црна Река 4 – мариовски, Струмица 1, Струмица 2, Треска 1 – кичевски, Црн Дрим 2, Црни Дрим – Охридски слив, Беровско Езеро – Ратево, акумулација Глобочица, акумулација Калиманци, Козјак, Конче 1 и 3, Крушевско Езеро, акумулација Мавровица, Мантово, акумулација Матка, Младост, Стрежево, Паљурци, Турија, Шпиље, Дојранско Езеро, Охридско Езеро во моментов се без концесионери. Постапката за нови концесионери тапка во место, а со неа и рибарите. Како што ни споделија рибарите, никој нема одговорност за нив, никој не води сметка за нив, препуштени се сами на себе и на рибокрадците. Во вакви случаи риболовните води се под редовен надзор и контрола на Државниот инспекторат за земјоделство, од каде што информираат дека редовно се следи ситуацијата на теренот.

Со вистински проблем се соочуваат рибарите, риболовните здруженија, клубови, Риболовната федерација на Македонија, како и Републичкиот инспекторат за риболов. Според нив, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ги нема навреме објавено огласите за нови концесионери, а старите веќе се истечени, целата постапка е во застој. Риболовна федерација има над 32 илјади регистрирани члена, вкупно имаме околу 50 илјади рибари што се засегнати од овој проблем, бидејќи не можат да ловат риби. Сите ги чекаат идните концесионери на риболовните ревири. Додека од Министерството велат дека само што им завршиле концесиите на одредените риболовни води, а постапките за концесија се во тек и се очекува да завршат кон средината на октомври.

– Настанатиот проблем ги ограничи многу рибарите. Спортскиот рекреативен риболов сега трпи. Рибарите не можат да ловат. Многумина имаат извадено годишни дозволи, ги имаат платено, а сега не можат да рибарат поради истечени концесии. Не им е дозволено. Никој не презема ништо, уште огласите не се објавени, а целата постапка е долга, така што дополнително ќе се одолжува. И нашата концесија за Вардар на здружението ЗСР „Вардар“ доцнеше, но сепак ја добивме, но другите води останаа без концесионер. Ние сме најмногубројно здружение, најголемо во Македонија со над 7.000 члена. Освен што имаме дозвола за рибарење, ние сме и чувари на водите. Постојано патролираме, имаме и чуварска служба, може да реагираме доколку воочиме нерегуларности и слично. Во моментов тие се незаштитени објекти, подложени на секаква злоупотреба, на ловокрадство, ископи на песок и слично – ни изјави Никола Панов, рибар и претседател на здружението ЗСР „Вардар“.

Фото: Маја Јаневска-Илиева

Во моментов од езерата и акумулациите под концесија се Преспанско, Тиквешко и Дебарско. И поголемиот број од реките имаат концесионер.

– Почнува да се создава проблем. Многу од рибарите што имаат годишни дозволи рибарат, иако не е дозволено. Но сепак платиле и не можеш да ги спречиш. Многу сакаат дневна да платат, а нема кој да им ја издаде, затоа што нема концесионер. Проблемот станува поголем затоа што ситуацијата нема брзо да се реши. Целата постапка за поставување нов концесионер е долга и сложена, така што ќе потрае. А кога станува збор за рибокрадците, ним им одговара оваа неизвесност. Тие слободно можат да рибарат, затоа што никој не ги контролира водите без концесионер. Во моментов риболовните води се изложени на ловокрадство. Посебно во местата на живеење. Во вакви ситуации надлежноста ја презема државата, таа треба да прави контроли, да врши инспекција и секако полицијата. Единствено што се повлекува како позитивна точка, е дека во ваквите периоди рибниот фонд се зголемува, но тоа е навистина доведено во прашање, затоа што никој не го смета ловот на рибокрадците – вели Благе Дренковски од Републички инспекторат за риболов.

Како што нѐ информира и Васил Костов, претседател на Риболовната федерација на Македонија, најавите биле дека огласите за концесиите ќе се објават во март, април, но не се испочитувал рокот, па затоа сега целата Риболовна федерација и сите рибари се соочуваат со сериозен проблем.

– Прво рибарите не можат да ловат. Второ не им важат годишните дозволи што ги вадат голем број од рибарите. И трето оставени се водите на милост и немилост, на рибокрадците. Државата треба да ги чува во ваков период, но таа нема служба. Ние му укажувавме на Министерството да ја почнат постапката навреме, шест месеци пред истекот, но никој не презема ништо. Реагиравме да се објави и оглас за нови концесионери, пак ништо не добивме. Сега 90 отсто од акумулациите и езерата се без концесија, додека реките повеќето имаат концесионери – ни посочи Васил.

Од кабинетот на Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, нѐ информираа дека во согласност со Законот за рибарство и аквакултура концесиите на рибите од риболовните води, за вршење стопански и организирање рекреативен риболов се доделуваат на концесија по пат на јавен повик за период од шест години. Голем дел од договорите за концесиите за риби завршија во јануари 2018 година, а на дел од риболовните води концесиите за риби завршија кон крајот на месец август 2018 година.

– На риболовните води на кои концесиите им завршија во јануари, концесиите за организирање рекреативен риболов им се веќе доделени на најповолните понудувачи по спроведена постапка, а на риболовните води на кои договорите им завршија на 21 август, постапките за концесија се во тек и се очекува да завршат кон средина на октомври – изјави Соња Трпчевска Јанковска, од кабинетот на Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство.

На риболовните води каде што концесијата не е доделена, во согласност со Законот за рибарство и аквакултура забранет е риболов.

– Рибите во овие риболовни води се под редовен надзор и контрола на Државниот инспекторат за земјоделство чии инспектори за рибарство се присутни и ја следат состојбата на теренот. Заради зголемена контрола на риболовните води како добро од општ интерес, Државниот инспекторат за земјоделство врши зголемени контроли и заеднички акции со соодветните полициски служби – додава Трпчевска Јанковска.