На 4.471 вработен во Министерството за внатрешни работи, кои оствариле над 150 часови прекувремена работа во текот на 2020 година, исплатена им е бонус платата во поединечен нето износ од 27.182 денари. Ова на прес-конференција го истакна пратеникот на СДСМ, Миле Талески.

За оваа намена од буџетот на МВР издвоени се над два милиони евра.

– Раководството на Министерството редовно ги исплаќа бонус платите за прекувремена работа, заврши времето кога овие надоместоци се исплаќаа ненавремено, со доцнење. Денес полицајците се почитувани, нивниот труд е вреднуван и тие се помотивирани во вршењето на своите работни задачи. Денес, полицијата е вистински партнер и заштитник на граѓаните – рече Талески.

Како што додаде, владејачката партија ќе продолжи да инвестира во подобри услови за работа на полицијата, оти само задоволна, мотивирана полиција може да биде ефикасен сервис на граѓаните и чувар на законите.