Фото: Маја Јаневска-Илиева

Откако списокот на децата што чекаат легла во градинките е зголемен на над илјада, битолчани се надеваат дека тоа ќе ги натера сегашните локални власти сериозно да се зафатат со решавање на проблемот што е присутен долги години

Во битолската приградска населба Кравари деновиве на свечен начин беше отворена нова детска градинка, за децата од предучилишна возраст. Требаше да се биде на свеченоста за да се види огромното задоволство, не само на дечињата туку и на нивните родители, кои добија можност некаде да ги згрижат своите најмали додека се на работа.
Иако капацитетот на градинката „Пролет 1“ е мошне скромен и изнесува само 40 легла, сепак со отворањето на оваа, деветта градинка, која работи во составот на установата „Естреја Овадија Мара“, жителите од Кравари, како што велат, го решија својот најголем проблем.

Но додека жителите од Кравари се израдуваа на отворањето на градинката, над илјада други битолчани, претежно млади родители, сѐ уште се прашуваат кога во Битола ќе бидат изградени уште градинки за да имаат каде да ги сместат своите деца.

– Само во градинката „Пролет“ бројот на дечињата што чекаат да бидат сместени изнесува околу 500, а преостанатите 500 деца живеат во Нова Битола и чекаат да бидат сместени во „Мајски цвет“. Овие бројки се навистина загрижувачки и во наредниот период треба да направиме сѐ за да ја интензивираме изградбата на нови детски градинки или да ги прошириме капацитетите на постојните – нагласи градоначалничката Наташа Петровска при споменатото отворање на градинката.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, која присуствуваше на свечениот чин, истакна дека оваа влада, и сега и во иднина, работи на зголемување на опфатот за сместување деца од предучилишна возраст.

– Со одлука на Владата и врз основа на склучениот договор со Светска банка, во наредните четири години ќе инвестираме вкупно 16 милиони евра за зголемување на инфраструктурниот капацитет за сместување деца во предучилишно образование. За година и пол, опфатот за сместување деца го зголемивме за 1.300 и тоа навистина е голема инвестиција – објасни министерката Царовска.

Инаку, проблемот со сместувањето на децата од предучилишна возраст во градинки во Битола е присутен долги години. И покрај тоа што и претходната власт уверуваше дека тој проблем, ако не се реши целосно барем ќе се ублажи со изградба нови или со проширување на капацитетите на постојните градинки, сепак на тој план не се направи ништо. Напротив, децата беа сместувани во градинките што беа изградени пред неколку децении. За решавање на овој проблем не помогнаа многу ни стимулациите што ги најавуваше претходната власт за јавно-приватно партнерство за изградба на нови детски градинки. Наместо ваквата состојба да ги стимулира локалните власти во Битола своите активности да ги насочат кон изградба на градинки, или нивно проширување, тие досега на овој проблем се навраќаа само за време на локалните избори, за веднаш потоа да го стават ад акта. Сега, откако списокот на децата што чекаат легла во градинките е зголемен на над илјада, битолчани се надеваат дека тоа ќе ги натера сегашните локални власти сериозно да се зафатат со решавање на проблемот, зашто во спротивно градот, кој од ден на ден сѐ повеќе се иселува, ќе го напуштат и други млади брачни двојки, кои се веќе уморни од чекање нивните деца да добијат место во некоја од градинките.