Фото: Маја Јаневска-Илиева

Универзалната сала, препознатливиот симбол на Скопје, пропаѓа пред очите на граѓаните, пред одговорните за објектот. Во градскиот буџет не се предвидени пари за нејзина реконструкција, а нема никакви најави ниту од централната власт. Сите претходни проекти и најави за реконструкција отидоа во неврат. Ама скопјани постојано се навраќаат на спомените од многубројните настани на кои биле во Универзалната сала. А поминале огромен број културни манифестации, кои беа препознатливи по оваа сала. Таа низ годините опслужуваше и привлекуваше разна публика и беше посакувано и култно место, кое сега пропаѓа. Освен паркот пред објектот, сѐ друго остана нечепнато, па дури и фонтаната се запушти. Салата е изградена непосредно по катастрофалниот земјотрес во Скопје, а била пуштена во употреба во јануари 1966 година. По неа најпрепознатливи се многу манифестации и случувања, како „Златно славејче“, „Скопскиот џез-фестивал“, „Бубамара“, „Скопскиот фестивал“, концерти, претстави, промоции, со учество на реномирани домашни и интернационални гости. Сала со илјадници настани, од кои се ширела добра енергија. Од посетителите до културните дејци, сите велат дека таа поседува извонредните сценски и капацитетни услови.

– „Златно славејче“ поголемиот животен век го има поминато во Универзалната сала. Изминативе години, три од нив ги организиравме во спортскиот центар „Борис Трајковски“ последната година во Македонската филхармонија. Моментално нема друго место, освен Македонската филхармонија, која навистина има феноменални услови за културни настани од помал калибар. Но нашата организација има една носталгија кога станува збор за Универзалната сала, бидејќи манифестација беше организирана таму 40 години. Иако таа е постар објект и постои околу 50 години, нам секогаш ни нудеше соодветни услови. Капацитетот од 1.500 седишта, незаменливата акустичноста на објектот се само некои од работите. Салата за настани од помал калибар беше совршен избор – вели Бобан Јосифовски од „Златно славејче“.

Но сега не само што не се одржуваат манифестации, туку и нема најава нешто да се преземе за објектот.
– Во буџетот на градот Скопје за 2019 година не се предвидени средства за оваа намена бидејќи станува збор за капитална инвестиција за што треба да се издвојат средства од централниот буџет. Градот ќе поддржи проект за Универзалната сала, без разлика дали станува збор за реконструкција или за изградба на нов објект, кој ќе ги зачува неговата автентичност и функционалност. Изградбата на нов објект би бил проект што би бил финансиран од страна на државата. Станува збор за капитален проект, кој би чинел десетици милиони евра и е трошок што градот Скопје не може сам да го издржи – објаснуваат од градот.

Организаторите на културни манифестации велат дека амфитеатарот овозможува оптимални услови за публиката да ја следи реализацијата на концертите на сериозна, забавна, фолклорна, етно, блуз и џез-музика, поетски манифестации, драмски претстави, модни ревии, презентации, конгреси, советувања, трибини и разни други приредби.

– Пред шест-седум години организиравме мала драмска претстава во Универзалната сала. Сценскиот настап и можностите што ни ги понуди овој објект беа незамисливи. Начинот на кој ја организиравме претставата таму, не може да се постигне на друго место. Акустичноста и интимноста што може да ги создаде се навистина клучни за публиката да може се соживее со глумата. Мислам дека нема човек што барем еднаш не ја искусил атмосферата во оваа мала магична сала со која растевме и затоа апелирам што побрзо да се отвори овој култен објект – вели пантомимичарот Мето Јанаќиевски.
И покрај апелите и носталгијата на скопјани, Универзалната сала е затворена веќе четири години и е оставена да пропаѓа.

[email protected]