Ќе има силна и жестока реакција на надлежните институции доколку не се почитуваат законските одредби и активните мерки за спречување и заштита од аерозагадувањето, е заклучокот од денешниот работен и координативен состанок во Владата на сите инспекторати со претставници од МВР, Министерството за животна средина и Министерството за земјоделство.

-Се договоривме сите инспекторати, соодветно на своите надлежности да ги зајакнат максимално контролите на сите што загадуваат или што имаат потенцијал да загадуваат и заедно со локалната самоуправа, односно со општинските инспекторати за животна средина да формираат заеднички тимови и во секој од тие тимови да има полициски службеник. Овие тимови имаат задача во наредниот период секојдневно и континуирано и ригорозно да ги спроведуваат контролите во сите градови во државата, со цел да биде запрен трендот на загадување на воздухот, на палење шуми, на палење отпад, на депонирање отпад и палење диви депонии. Целиот процес ќе се координира од канцеларијата на премиерот каде што секој ден ќе се слеваат извештаи за состојбите и за резултатите од мерките што биле преземени и ќе се координираат сите итни и идни мерки во зависност од развојот на ситуацијата на теренот – истакна во изјавата за медиумите министерот Оливер Спасовски, кој претседаваше со работата на денешниот координативен состанок.

Спасовски додаде дека освен краткорочните мерки и засилени контроли на инспекторите, продолжува и спроведувањето на долгорочните мерки, како што се гасификацијата, пристапот и приклучувањето до топловодните системи за греење, замената на греењето со фосилни горива со клима-инвертери со програма за субвенционирање, како и на други мерки.

На средбата беше посочено дека Државниот инспекторат за земјоделство (ДИЗ) досега има поднесено 27 казни на лице место и 3 прекршочни пријави, а Шумската полиција има поднесено 23 барања за поведување на прекршочни постапки и согласно законот за шуми ќе се изрече глоба од 1.500 до 2.000 евра.