Навредувањето и исмевањето е најчест тип на насилство во училиштата во земјава, покажа истражувањето на тема „Насилството во училиштата и меѓуетничките односи“, спроведено во девет средни училишта од Скопје, Велес, Виница, Дебар и Гостивар во ноември-декември 2019 година што го спроведе Агенцијата за истражување на јавното мислење и маркетинг „БРИМА“ со поддршка на тимот на Програмата за мировно образование при Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Резултатите од истражувањето покажуваат дека се пријавени дури 22 различни видови на насилство во училиште, од кои најзастапено е навредувањето и исмевањето 88%, потоа следи уништување на училишен инвентар со 84%. Во истражувањето се истакнува дека образовниот систем не развива вештини за справување со агресија, не ги учи учениците дека лутината не мора да се изрази преку демолирање на предмети.

Тепачки меѓу учениците (82%) се на трето место и нема значајна разлика во однос на состав и локација на училиштата, а најмногу се случуваат во училишните дворови (60%), заради помала видливост од страна на возрасните.

Навредувањето на линија наставник – ученик и ученик – наставник е на четврто и петто место на листата.

– Наставниците во своите едукации не стекнуваат свесност и вештини за справување со лутина и разрешување на конфликти, кои се основа за една зрела и професионална комуникација. Од друга страна, неказнивоста, непостоењето на механизми, законски акти и притисокот врз наставниците од страна на родителите и средината, често пати ги става и наставниците во улога на жртви на учениците и образовниот систем – пишува во истражувањето.

Како причини за насилно однесување помеѓу учениците, најчесто се наведуваат провокациите (61%), омразата или одмаздата (60%), одбраната на другар/ка (46%), љубомората (43%), лошото друштво (43%) и самоодбрана (41%).

Како мерки за подобрување на разбирањето помеѓу учениците од различни етнички заедници учениците наведуваат: воведување заеднички часови, работилници, проекти и активности, додека како мерки за намалување на насилството се нагласува младинското учество, клубови, праламент и слично.

– Генерално, се забележува тренд на зголемување на прифаќањето на оправданоста на решавањето на проблемите во општеството преку насилство. Овој наод соодветствува со социјалната реалност во земјава, бидејќи последнава деценија во јавното мислење присутна е перцепцијата за неказнивост на насилствата што, од своја страна, дава порака дека нема други механизми за решавање на конфликтитие, освен со насилство – пишува во истражувањето.

Училиштата не се доволно препознаени од учениците како места на кои можат да побараат помош во случај на изложеност на насилство: никогаш не се обраќаат на директорот на училиштето (62%), нешто помалку на друг наставник (50%), на педагог/психолог (42%), класен раководител (34%), соученик (31%). За крај охрабрувачки податок дека над 60 % од испитаните наставници проценувата дека насилството е намалено во 2019г. во однос на 2011та и 2012та година.