Заменик-министерот за здравство, Асим Муса, денеска присуствуваше на настан по повод Светскиот ден на мултипла склероза. Тој рече дека Министерството за здравство има цврста определба да ја унапреди грижата за овие пациенти со сите институции кои учествуваат во лекувањето и целта е обезбедување современа терапија за што повеќе пациенти, како и воведување нови лекови.

– Значително е зголемен буџетот за оваа намена, а во соработка со Универзитетската клиника за неврологија, каде се леуваат најголем дел од пациентите, интенција е постојано да ги унапредуваме водичите за лекување се со цел навремена дијагноза и отпочнување со соодветна терапија – изјави Муса.

Раната дијагноза и рана терапија е клучна во намалување на инвалидитетот од оваа болест.

– Оваа година обезбедивме средства за зголемување на количините на еден од најиновативните и нови лекови за МС, Окревус и неколкукратно се зголеми бројот на пациентите кои ќе бидат во можност да го примаат овој лек. Исто така, за првпат во македонското здравство обезбедена е и посебна просторија каде пациентите ќе можат да ја примаат редовно инфузионата терапија за МС – додаде тој.

Во светот има околу 2,3 милиони луѓе кои живеат со оваа болест, а стотици илјади не се дијагностицирани. Станува збор за најчестото невролошко заболување кај младата популација од 20-та до 40-та година од животот и меѓу најчеста причина за инвалидитет кај младите.

Во Република Македонија има околу 1.500 лица кои боледуваат од мултипла склероза.