Судијата Сали Мурати вчера беше избран за претседател на Уставниот суд, а на функцијата ќе стапи задутре, на први ноември. Мурати го наследува Никола Ивановски на позицијата чиј носител се избира со двотретинско мнозинство од вкупниот број судии, со тајно гласање. Во биографијата на дипломираниот правник Мурати, стои дека пред да биде избран за уставен судија, активно се занимавал со проблематиката од уставното право, правата на заедниците, слобода на мисла и вероисповед и со меѓународно приватно право.

Мурати, меѓу другото, наскоро ќе треба да менаџира донесување одлуки за повеќе чувствителни иницијативи поднесени до Уставниот суд. Како на, во моментов, најчувствително прашање, упатените посочуваат на неколку иницијативи против Законот за употреба на јазиците, кои се опфатени во еден предмет. Станува збор за законот што во Собранието двапати беше донесуван, бидејќи поранешниот претседател Ѓорге Иванов одбиваше да го потпише, а неодамна тој доби негативно мислење и од Венециската комисија.