Угостители, музичари и бендови утре ќе изразат незадоволство пред Владата под мотото „Протестирам против уништувањето на ноќните клубови“, поради новите рестрикции. Тие не се согласуваат дека угостителските објекти се причина за ширење на коронавирусот.

Од Независната угостителска комора (НУК) најавија дека доброволно ќе ги затворат објектите на две недели откако Владата завчера донесе мерки со кои се забранува гостување на пејачи и диџеи во сите угостителски објекти, се ограничува јачината на музиката до 55 децибели и се намалува бројот на лица кои може да седат на една маса од 12 на четири.

При образложувањето на новите мерки, од Владата се повикаа на епидемиолошките анкети кои укажале дека масовните собири со непочитување на протоколите се една од главните причини за зголемување на бројот на новозаболени од ковид-19. Но, угостителите сметаат дека новите ограничувања нема да го намалат бројот на заболени.

На социјалните мрежи за утре се најавува протест пред Владата од 14 до 17 часот.