Законите од социјалната и детската заштита со кои Министерството за труд и социјална политика ја спроведува социјалната реформа влегоа во собраниска процедура. По нивното донесување кое се очекува после новогодишните празници стартува суштински процес за извлекување на околу 400 илјади граѓани над линијата на сиромаштија, се наведува во соопштението од Министерството.

Со овие реформи, од Министерството гарантираат подобар живот, намалување на сиромаштијата и еднакви шанси за секое дете, но и активација на невработените на пазарот на труд.

-Ги повикуваме пратениците да гласаат за социјалната и детската реформа со што ќе покажат дека општеството е зрело за позитивни промени што ќе значат многу за намалување на детската сиромаштија. Со реформите пристапот до детскиот и образовниот додаток се зголемува за 20 пати, велат од Министерството.

Од идната година, известуваат дека детскиот додаток наместо досегашните 3.200 деца ќе го користат 73.500 деца, а образовниот наместо 3.800 деца, ќе го користат 64.316 деца. Исто така, оттаму велат дека типично четири члено семејство наместо досегашните три илјади денари социјална помош ќе зема гарантиран минимален приход од над десет илјади денари, односно секое домаќинство ќе добива паричен надомест според социјалниот ризик во кој се наоѓа.

Од МТСП информираат дека реализацијата на процесите со кои, како што велат, градат праведно и хумано општество, а кои ги почнаа во 2018 продолжуваат посветено да ги спроведуваат и идната година.

-Во 2019 продолжуваме да работиме со исто темпо. Секој ден од годината е важен, а празниците да ни останат инспирација да направиме што повеќе еден за друг и за општеството во кое живееме, велат од МТСП.