Македонски владика, како претставник на Македонската православна црква – Охридска архиепископија првпат ќе патува со бугарска црковна делегација во Ерусалим по Велигденскиот благодатен оган. Ваквата одлука вчера беше соопштена, откако бугарскиот премиер Бојко Борисов се сретнал со старозагорскиот митрополит Кипријан, кој е шеф на Комисијата за решавање на статусот на МПЦ-ОА, формирана на крајот на 2017 година по барање од МПЦ да ѝ се помогне за решавање на нејзиниот статус.

Бугарската црковна делегација во која ќе биде и владиката од МПЦ-ОА ќе патува со бугарскиот владин авион. Од МПЦ велат дека сѐ уште не се знае на кој од владиците во Синодот ќе му биде предадена таа улога. Учеството на нашата црква во делегацијата на БПЦ, според вестите на бугарските медиуми, е по молба токму од самата МПЦ-ОА.

Според експертите за верски прашања, ова ќе значи зближување на двете соседни цркви, како и начин на помош за зацврстување на статусот на МПЦ во православието. Архиепископот Стефан, пак, вчера изјави дека од името на сите православни верници во Македонија ѝ благодари на Бугарската црква за можноста што ѝ е дадена на МПЦ.
– Им благодариме за љубовта на бугарската влада, премиер и државата со која се однесуваат кон нас – кратко изјави г.г. Стефан.

Минатата година благодатниот оган во Македонија првпат дојде преку Бугарската црква. Тогаш владика од МПЦ беше во Софија, од каде што го прими огнот од претставник на БПЦ.

Инаку, благодатниот оган се смета дека е божјо чудо што секоја година се случува на Велјасабота, пред Велигден. Се пали единствено во рацете на ерусалимскиот патријарх и во првите моменти не зрачи топлина и не предизвикува изгореници.