Фото: Игор Бансколиев

Покрај нашата црква, друга црковна структура што се надева на признавање на автокефалноста е Црногорската православна црква, но нејзината организираност ни оддалеку не може да се спореди со МПЦ-ОА

Македонската православна црква-Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) е единствената црковна организација во православниот свет што чека признавање на својата автокефалност, а која ги исполнува сите критериуми да биде автокефална црква. Нејзината организираност, развој на институции, бројност на верници, како и монашки живот, ја прават прва на листата за признавање. Покрај МПЦ-ОА, друга црковна структура што се надева на признавање на автокефалноста е Црногорската православна црква, но нејзината организираност ни оддалеку не може да се спореди со МПЦ.

Митрополитот на Црногорската православна црква, Михајло, пред неколку месец изјави дека се надева на скорашно целосно признание од Вселенската патријаршија, но дека најмногу го мачи внатрешното негирање.
– Патријархот Вартоломеј рече дека ќе ја проучува историјата на Балканот и дека на другите православни цркви треба да им се даде автокефалност, осврнувајќи се на Црногорската православна црква и на Македонската православна црква – посочил митрополитот Михаил.
Последна црква во православието што доби томос за автокефалност беше Православната црква во Украина минатата година. Досега неа ја признаа Александриската патријаршија и Грчката православна црква.
Во православниот свет постојат најмалку уште десетина цркви што не се официјално признаени, но многу од нив и не бараат признавање во редот на автокефални цркви, затоа што функционираат по свои ред и правила. Меѓу официјално непризнаените како автокефални цркви е и таа на Коптите, кои се главно населени во Египет и имаат околу 15 милиони верници, но тие себеси се сметаат како црковна структура што има континуитет од апостол Марко, а од четвртиот Вселенски собор се надвор од Православната црква. За истакнување е и тоа што претставниците на Коптската црква не ги прифатиле решенијата донесени на тој собор, по што биле прогласени за еретици.

Низ историјата е познато дека секоја црква има свој пат и својот статус го решавала на различен начин, а на некои цркви им биле потребни и векови за да го воспостават самостојниот црковен статус во православието.
МПЦ е нераскинливо поврзана со Охридската архиепископија, зашто и денешната МПЦ е основана како возобновител на самата ОА. Историскиот континуитет на нашата црква ѝ дава легитимитет во православниот свет. Инаку, во православието постојат и православни цркви што не се во единство со Православната црква поради раскол, пред сѐ во календарот, но и поради административни проблеми, но тие немаат големо значење и можност за добивање автокефалност.

Автокефална МПЦ во православието значи отворено канонско признание за посебноста на македонскиот народ и држава. Тоа е печат што омеѓува една територија, која, според каноните на црквата, е автокефална затоа што е самостојно државно уредена и водена од владици произлезени од овој посебен народ.
Инаку, на почетокот на годината во официјалното соопштение од Вселенската патријаршија беше посочено дека патријархот Вартоломеј ја примил државната делегација на Македонија по нејзино барање, за да се реши проблемот на непризнаената МПЦ. Тогаш патријархот одлучил во седиштето на Вселенската патријаршија да се поканат претставници од Српската православна црква, која го блокира процесот на признавањето, и од МПЦ-ОА, во насока на советување и на обид за наоѓање заеднички прифатливо решение меѓу двете страни.


Автокефални православни цркви
– Вселенска патријаршија во Цариград
– Александриска патријаршија
– Антиохиска патријаршија
– Ерусалимска патријаршија
– Московска патријаршија
– Српска православна црква
– Романска православна црква
– Бугарска православна црква
– Грузиска православна црква
– Црква на Кипар
– Грчка православна црква
– Полска православна црква
– Албанска православна црква
– Црква на Чешка и на Словачка
– Православна црква на Украина
– Православната црква во Америка (автокефалност признаена само од Москва, Бугарија, Грузија, Полска, Чешка и од Словачка)
Автономни цркви
– Финска православна црква
– Естонска апостолска православна црква
– Корејска православна црква
– Синајска православна црква
– Јапонска православна црква
– Украинска православна црква (Московски патријархат)
– Кинеска православна црква
– Православна охридска архиепископија
Самоуправни цркви
– Летонска православна црква
– Православна црква на Молдавија
– Естонска православна црква
– Руска православна задгранична црква
Цркви што имаат спор
– Македонска православна црква-Охридска архиепископија
– Црногорска православна црква

[email protected]