Фото: маја Јаневска-Илиева

Од Македонската православна црква-Охридска архиепископија велат дека тоа што моштите на Свети Климент се наоѓаат во Охрид е заштитно обележје за темелите на Охридската архиепископија

Најголемиот дел од моштите на Свети Климент Охридски се чуваат во манастирот „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, во Охрид.

Остатоците од черепот, пак, се чуваат во грчкиот манастир „Свети Јоан Продром“ кај Бер, денешна Верија, Грција.

Според сознанијата, тие се таму веќе седум века, откако двајца монаси ги зеле во моментите кога целосните мошти биле префрлувани од охридскиот храм „Свети Пантелејмон“, кој турските освојувачи го претвориле во џамија, првин во црквичката „Мал свети Климент“, а потоа во „Света Богородица Перивлепта“.

Тие потоа главата веднаш ја однеле во овој манастир, кој е сместен на височините на планината Пиерија, во близината на градот Бер, односно, Верија, според сегашното грчко име.

Во 2016 година, архимандритот на Грчката православна црква, Порфириј, од манастирот во Верија, каде што се чува черепот на свети Климент Охридски при посетата на Бигорскиот манастир рече дека е подготвен за големиот јубилеј од создавањето на манастирот да ги донесе моштите од черепот на првиот словенски епископ свети Климент.

Тогаш се очекуваше по цели 700 години, черепот на најголемиот македонски духовник, кој се смета и за основоположник на Охридската архиепископија, повторно да биде во Македонија.

Во Бугарија има две честички од моштите. Едната се чува во софискиот храм „Светите седумчисленици“, а втората е во храмот во Пловдив „Светите Кирил и Методиј“ и е подарена од Македонската православна црква-Охридска Архиепископија во 2008 година, кога владиката Тимотеј ѝ подарил мала честица од моштите на свети Климент на пловдивската митрополија.

Тогаш, г. Тимотеј посочи дека во Плаошник се чуваат моштите од раката и дел од ногата на свети Климент.

– Православните цркви имаат практика да отстапуваат дел од моштите на светителите. Сепак, за начинот и целта на таквите подароци одлучуваат синодите на тие цркви – кусо истакна г. Тимотеј.

Светецот дели иста судбина со македонскиот народ

Епископот Климент од манастирот „Зрзе“, Прилепско, и член на Синодот на МПЦ-ОА, го носи името на овој светител. Веќе неколку пати има посочено дека судбината на моштите на Свети Климент Охридски е речиси идентична со онаа на македонскиот народ.

– Силни мажи, императори, цареви и властодршци, војници, прелати, преродбеници и мноштво национални и црковни дејци со славни имиња оставиле траен белег во душата на народот на овие простори и се составен дел од нашата идентитетска стварност. И сите тие ни се блиски, сите се наши. Но едвај на една рака ќе ги наброиме оние што ги препознаваме како родители на народот, родоначалници, како негови татковци и отци. Меѓу нив, еве веќе единаесет столетија, најблизок и најприсен на нашите души е светиот отец наш Климент Охридски – истакна г. Климент.

Тој додава дека телото на Свети Климент Охридски е поделено на три дела, кои се наоѓаат во Македонија, Грција и во Бугарија.

– Така, денес овој жив и дејствителен светител, со нераспадливата десница од Охрид благословува, од Бер со исцелително миро болните ги лекува, а од Софија и од Пловдив, пак, сите што со вера и љубов му пристапуваат ги утешува и укрепува. Мислам дека токму тоа е мисијата на светителот во ова време на поделби – да обединува- додава г. Климент.

Плаошник го чува Свети Климент

Од Македонската православна црква-Охридска архиепископија велат дека тоа што моштите на Свети Климент се наоѓаат во Охрид е заштитно обележје за темелите на Охридската архиепископија.

Со одлука на Владата, од 24 јануари 1991 година црквата „Перивлепта“ повторно ѝ е вратена на МПЦ, а по повод тој настан на 10 септември 1991 година била донесена одлука моштите повторно да се вратат на старото место, односно на празникот Сите македонски светители да се вратат во Охрид и свечено да бидат внесени и положени во црквата „Свети Климент“, кога ќе биде и преосветен овој храм. Тогаш архиепископ на МПЦ бил г.г. Гаврил.

Но со обновувањето на Климентовиот храм на Плаошник во 2002 година, со архијерејска одлука на Синодот на МПЦ, решено е со свечена литија моштите повторно да се преместат и постават на историското место на првиот Климентов храм посветен на „Свети Пантелејмон“ на Плаошник, каде што се наоѓа и гробот на свети Климент.
Моштите и денес се таму, а на Климентовите празници, кои кај народот се познати како летен и зимски свети Климент, се отворени и поставени за поклонение и молитва во централниот дел на храмот.