Владата на Република Македонија во наредниот период ќе може да ги помага ученичките домови доколку настанат непредвидливи ситуации кои ќе им ги зголемат трошоците за тековно работење.

Тоа е овозможено со измените и дополнувањата на Законот за ученички стандард што ги усвои Владата на вчерашната седница со кои се дава можност Министерството за образование и наука (МОН) да додели средства на јавните ученички домови, односно јавните средни училишта во кои има ученички домови доколку непредвидено им се зголемат трошоците за тековно работење.

-Станува збор за средства наменети за трошоци за греење, електрична енергија, вода и слично за потребните на ученичките домови доколку настанат непредвидливи  ситуации кои ги зголемиле трошоците, е не може да се предвидат и планираат во Буџетот. Со измените Владата отвора можност да им излезе во пресрет на потребите на ученичките домови во кои се сместени  над 2.000 ученици, а кои се наоѓаат во лоша финансиска состојба, рече владиниот портпарол Муамед Хоџа на денешната прес-конференција во Владата.