Намалување на неделниот фонд на часови и на бројот на ученици во паралелка, надворешна евалуација за рангирање на основните училишта, ограничување на надлежностите на директорите т.е. нивно преземање од Наставничкиот совет, советување на родители чии деца користат говор на омраза, можности за напредок на талентирани ученици – се меѓу планираните измени на Законот за основно образование. Министерството за образование и наука денеска го објави предлогот на јавна расправа, а на прес-конференција го соопшти министерката Рената Дескоска.

Коментари и мислења МОН очекува во рок од еден месец и оние што ќе бидат прифатливи ќе влезат во нова верзија на законот која ќе биде пратена во Собранието. Целта е тој да биде донесен пред почетокот на новата учебна година.

Во законот е утврден максимален број на часови на учениците што нема да надминува 20 наставни часа неделно за учениците од прво до трето, 25 часа за учениците од четврто до шесто и најмногу 30 наставни часа неделно за учениците од седмо до деветто одделение. Се немалува неделниот фонд на наставни часови за одделенските наставници – од 18 до 23 наставни часови, во кои влегува и времето за организирано прифаќање на учениците пред и по наставата.

Предметните наставниците кои немаат доволно часови може да бидат ангажирани на одржување на интегрираната база на податоци, одржување на веб-страницата, е-дневникот на училиштето и други обврски поврзани со компјутерската работа во училиштето за што ќе добиваат три, шест или осум часови во фондот на часови во зависност од бројот на ученици.

Повеќе ќе нема настава во саботите. Бројот на наставни денови нема да биде фиксно утврден со цел да се избегне одработување на часови во саботите за кои – рече Дескоска, се покажало дека не се ефективни денови за настава. Со овој закон се предлага наставата во учебната година да се остварува од 175 до 180 наставни дена, што ќе се утврдува со Календар на настава што ќе го носи министерството.

Дескоска соопшти дека со измените е предвидено Наставничкиот совет да има надлежност да дава мислење за распределба на часовите меѓу наставниците, а Бирото за развој на образованието на својата веб-страница ќе има обврска да објавува обрасци на планови и подготовки за наставата за сите предмети, кои наставниците може да ги користат за подготовката на наставата.

Според предлогот, бројот на ученици во паралелка може да се движи од 20 до 30 ученици. Тенденцијата е тој да биде до 24 максимум, што за некои преоптоварени училишта во Скопје ќе биде тешко остварливо зашто немаат просторни можности за одделенија помали од 30 ученици.

Се утврдува и бројот на учениците со посебни образовни потреби во општинските училишта, што не може да биде повеќе од два ученика во едно одделение. За овие ученици ќе има и мобилни служби составени од стручни лица, а училиштето ќе обезбеди и лични асистенти кои ќе бидат плаќани од државиот буџет. За ученици кои се на домашно или болничко лекување подолго од три недели, пак, се воведува можност за организирање и остварување на основното образование во здравствени и домашни услови.

За да се спречи насилство и други девијантни појави, училиштата ќе бидат обврзани да спроведуваат програми за заштита од насилство, злоупотреба и запуштање, програми за спречување дискриминација и програми за превенција на други облици на девијантно однесување. Доколку ученикот користи говор на омраза, неговиот родител, односно старателот, се упатува на советување. Талентираните ученици, пак, ќе имаат можност за настава според напреден образовен план, кој овозможува нивниот развој и напредување да се одвива според нивните способности и интереси.

Се воведува и обврска за професионална ориентација на учениците од основното образование при што училиштето во соработка со установи за професионална ориентација ќе им помага на родителите и на учениците при изборот на средното училиште и занимањето.

Надворешна евалуација на училиштата ќе биде основа за нивно рангирање и ќе ја спроведува Државниот испитен центар. Притоа ќе се вреднуваат учеството и постигнувањата на меѓународни и државни натпревари. Вработените во најдобро рангираното училиште ќе примаат додаток на платата во износ од 30 проценти во наредните 12 месеци.

Нутритивниот квалитет на храната и оброците за учениците ќе ги утврдува Институтот и центрите за јавно здравје во Република Македонија, а Советот на родители може да побара вонреден инспекциски надзор дали училишните оброци се во согласност со стандардите за исхрана.

Министерката Дескоска очекува со новините во Законот да бидат мотивирани и наставниците, и учениците зашто измените, рече, се во нивни интерес. Посочи дека за нивното спроведување не се потребни финансиски оптоварувања, туку желба и волја за решавање на проблемите во воспитно-образовниот процес.

– Законот ќе овозможи порелаксиран пристап на наставниците и на учениците во образовниот процес. Ќе онезвозможи злоупотреби од директорите бидејќи одредени права веќе ќе бидат гарантирани во законот и дискрецијата на директорите ќе отпадне во тој дел. Во законот нема мерки кои ќе значат посебно буџетско зафаќање. Некои работи се бесплатни, само треба да имате волја да ги направите. Прашањето е во сенсот за проблемите со кои се соочуваат наставниците и учениците во образовниот процес и желбата тие да се решат – истакна министерката Дескоска.