Државна матура треба да има затоа што со неа се заокружува стекнатото знаење и, што е многу важно, ги насочува учениците во понатамошниот образовен процес. Образованието мора да продолжи да тече дури и во услови на пандемија, бидејќи се работи за иднината на младите генерации. Министерството за образование и наука нема да дозволи пандемијата да се одрази на развојот и напредокот на учениците, а со тоа и на иднината на нашата држава, изјави министерката за образование и наука, Мила Царовска.

– Иако оваа година сите се соочуваме со нови предизвици, со огромен ангажман и посветена работа на наставниците, учениците и родителите обезбедиме континуитет во образовниот процес. За ова се бориме од самиот почеток и нема да отстапиме од оваа цел. Министерството за образование и наука изминатиот период покажа огромна посветеност и отвореност за дијалог со матурантите – истакна Царовска.

Министерката и претставници од министерството веќе се сретна со Сојузот на средношколци и со Гласот на матурантите. И едните и другите навреме беа информирани дека испитите од државната матура ќе се одржат во законски предвидениот рок, но со полесни прашања и по скратени програми, со цел полагањето да биде ефективно и организирано.

– Со средношколците разговаравме и за проширената листа на екстерни предмети за гимназиско образование со информатика и географија, како и за можностите што ги нуди променетата програма за проектната задача. Средношколците на состаноците беа известени дека заедно со нив и со училиштата, наставниците и секако со здравствените власти ќе најдеме начин самото полагање да биде безбедно. Исто така, Министерството за образование и наука најави промени во концепцијата на државната матура кои би се применувале од 2021/2022 година, а ќе се прават во заеднички и конструктивен дијалог со средношколците и наставниците – додаде министерката.

Државната матура, рече Царовска, којашто е и законска обврска, се одржува во сите европски земји и земји во регионот и покрај пандемијата. Истакна дека успешно се реализирала минатата учебна година, а започнуваат подготовките и за оваа учебна година. Таа нагласи дека Северна Македонија не смее да биде исклучок по негативни практики.

– Министерството за образование и наука заедно со директорите на училиштата и наставниот кадар за многу кратко време воспостави модел на настава кој функционира и овозможува пристап до образование за секое дете во државата. Имаме доволно време сите заеднички да се подготвиме и за државната матура. Разбираме дека постои страв и несигурност кај средношколците во однос на безбедноста и самиот процес на подготовка за испитите, но токму затоа ги повикуваме матурантите, низ заеднички дијалог да понудиме решенија кои ќе гарантираат и безбедност и поддршка – заклучи Царовска.