Фото: Дарко Андоновски

Главна движечка сила во секое општество се човечките ресурси. Без луѓе, практично, се доведуваат во прашање и постоењето и опстанокот на која било држава. Во таа насока, одливот на луѓе од сите возрасти и профили од Македонија загрижува до таа мера што веќе поприма и катастрофално сценарио за иднината на државата. Може ли да се случи државата до се испразни до тоа ниво што тоа ќе претставува и најголема закана за нејзината иднина

Младите сè помасовно ја напуштаат државата, а таа нема одговор како да ги задржи новите генерации што треба да бидат идната сила врз која ќе се гради и развива општеството. Ако вo минатото иселувањето беше во помал обем, сега веќе нема семејство од кое барем еден член не е заминат на работа, студирање или целосно иселување од државата.

Со проблемот на иселувањето на младите се соочуваат сите земји од Балканот, но бројките за Македонија се фрапантни. Над 53 отсто од анкетираните средношколци и студенти или размислуваат или веќе подготвуваат документи да ја напуштат Македонија, а причината за тоа се крие во лошите услови за работа, корупцијата, политичкиот дискурс, како и незадоволството од образовниот и здравствениот систем. Заминуваат и тие што имаат сигурна работа и пристојна заработка, па Македонија и земјите од регионот ги напуштаат доктори, информатичари, инженери, но и медицински персонал, најчесто во потрага по добар систем, каде што нивното време, работа и труд ќе бидат соодветно вреднувани и почитувани.

– Секундарните работи се исто така важни како квалитетот на животот, да видиме што правиме со загадувањето во нашите градови. Дали платата што ја добиваат младите е доволна за да се има квалитетен живот – смета Блажен Малески, обраќајќи се на меѓународна младинска конференција „Европски вредности за иднината на ЈИЕ“, која неодамна се одржа во Крушево.

Според одредени податоци, Македонија изминативе години ја напуштиле огромен број граѓани, во бројки што се мерат во неколку стотици илјади лица. Според социолозите, државата мора итно да подготви стратегија преку која ќе ги убеди младите дека нивната иднина е во земјата.
– Дури и денес да почнеме со примена на некаква стратегија, ќе бидат потребни меѓу три и четири години таа да се реализира. Значи, потребни се неколку години интензивна посветеност на институциите, за да им се всади во свеста на луѓето мислата дека нивната перспектива е тука – смета професорот Илија Ацевски.
Според него, потребна е мотивација во вредносниот систем за да се зачуваат младите во рамките на границите.

– Со примената на таквата стратегија, треба по три-четири години да видиме некаков резултат, едноставно луѓето да поверуваат дека нивниот живот по 15 години и тука ќе биде како оној во Германија – додава Ацевски.
Политичарите сметаат дека младите не се доволно вклучени во решавањето на нивните проблеми, поради што и ја напуштаат земјата.
– Проблем е што ние никогаш не креираме механизми или оние механизми што ги имаме како земји не ги користиме да ги вклучиме младите во решавање на проблемите, бидејќи тие најдобро знаат кои политики се добри за нив, како тоа да се креира и како да се стигне до решението – смета Ивана Туфегџиќ, актуелен пратеник во македонското собрание.

Загрижувачки е што појавата на иселување на младите не запира ниту во моментот кога државите ќе станат членки на ЕУ, туку, напротив, токму Хрватска, Бугарија и Романија се соочија со уште поголем одлив по влезот во Унијата.
Според некои истражувања во Хрватска, 70 отсто од оние што заминале, ја напуштиле земјата поради нефункционирањето на државата во различни форми, како непотизмот, клиентелизмот, вработувања преку врски…
– Имаме два примера што се илустративни. Со напредувањето кон членството во ЕУ проблемот со иселувањето главно не запира, туку се создаваат услови за враќање. Таков пример е Полска. Од оваа земја си заминаа многу луѓе, но сега повеќето се враќаат. Втор пример, доколку успеете колку-толку таа ретроградна политичка клима да ја сузбиете, тогаш ќе можете да ги намалите заминувањата и ако успеете економијата да ја донесете во некаква пристојна функционалност, пример за тоа е Словенија – вели Весна Пусиќ, пратеничка во хрватскиот Сабор.
Инаку, истражувањата покажуваат дека најмногу од младите се иселиле во Германија, а потоа следуваат Австрија, Шведска, Словенија и Велика Британија.

Пред Македонија се отвора добра можност конечно да создаде нешто за своите граѓани. ЕУ кон средината на октомври треба да се изјасни за доделувањето датум за почеток на пристапните преговори за членство во Унијата, а позитивниот исход би бил само причина повеќе да се започне со сериозна работа и реформи што ќе ја претворат земјата во привлечно место за живеење, без корупција, без непотизам, со функционален образовен и здравствен систем, каде што луѓето што вредат ќе бидат почитувани и вистински вреднувани за својот труд. Токму тоа е она што недостига, а поради што автобусите на граничните премини се преполни со млади луѓе, најчесто со билет во еден правец.

Фото: Маја Јаневска-Илиева