Лажни видеоснимки наречени дип-фејк видеа стануваат нов глобален проблем. Извесно е дека ваквите апликации ќе стануваат сѐ подостапни за широките маси, па ќе биде сѐ полесно да се прават вакви видеа во домашни услови. Предвидувањата се дека во САД ваквите работи ќе станат нова реалност до следните избори во 2020 година. Можеби светскиот тренд веќе дошол и кај нас. Или веќе е тука?

Едно видео што неодамна ги преплави САД во продукција на Базфид ја засили расправата за растечкиот проблем со т.н. дип-фејк видеа, бидејќи во последно време сѐ полесно е да се направи видео во кое славните личности зборуваат и прават сѐ и сешто. Во ова лажно видео, поранешниот американски претседател Барак Обама зборува некои работи сосема нетипични за него, како на пример „Бен Карсон е вакциниран од стварноста“ или „Трамп е целосно и комплетно го.но“.
– Влегуваме во нова ера во која нашите непријатели можат да го земат кој било облик и да речат што било во кој било момент, иако таквите работи никогаш не би ги кажале – вели „Обама“ во видеото.

Се разбира, во случајов не се работи за вистинскиот Барак Обама, туку за поранешна снимка на Обама на која е измонтирана уста на друг човек со апликацијата Фејкап. Гласот на лажниот Обама му го позајмува артистот Џордан Пил.
Базфид истакнува дека за изработката на ова видео се потрошени 56 часа и дека на него работеле професионалци, што значи дека во овој момент не може баш секој да продуцира вакво видео. Но извесно е дека ваквите апликации ќе стануваат сѐ подостапни за широките маси, па ќе биде сѐ полесно да се прават вакви видеа во домашни услови.

– Добрата вест е дека за изработка на вакво дип-фејк видео и натаму се потребни малку поголема вештина и време. Но лошата вест е дека знаењето и самата технологија потребни за вакво видео ќе стануваат сѐ подостапни и поприсутни отколку што очекувавме или отколку што сме подготвени да прифатиме – велат од Базфид.
Видеата од типот дип-фејк стануваат сѐ почести од ланската година, кога на Интернет почнаа да се појавуваат лажни порномонтажи наводно со славни личности. На почетокот од годинава стручњаците почнаа да алармираат дека ваквите лажни видеа во иднина веројатно ќе бидат користени за да се влијае на изборите.

– Идејата дека може на телото на една личност да се стави туѓа глава е главната задача за сите овие што би сакале да се вмешаат во изборниот процес. Ваквите работи ќе станат нова реалност до следните избори во 2020 година, а можеби и веќе годинава – рече сенаторот од Вирџинија, демократот Марк Ворнер.
Видеото со Барак Обама укажува дека иако сѐ уште се работи за мошне комплицирана постапка, благодарение на развојот на технологијата, во иднина ќе биде сѐ полесно да се прават вакви работи.
Затоа, следниот пат кога некоја снимка ќе ви се причини сомнителна, па макар била и на некој од нашите портали или телевизиски канали, гледајте внимателно. Можеби светскиот тренд веќе дошол и кај нас. Или веќе е тука?