Стапката на користење модерна контрацепција во Македонија изнесува 12,8 проценти и е најниска во споредба со земјите од Југоисточна Европа и во Европа. Во Македонија сè уште ниту едно контрацептивно средство не е ставено на позитивна листа, со што се отежнува или сосема се оневозможува пристапот до модерни контрацептивни средства на најсиромашните и социјално ранливите групи.

Тие податоци ги објавија здруженијата ХЕРА, Коалиција Маргини и Реактор – Истражување чии претставници го следат денешниот дијалог во Женева на Комитетот за елиминација на дискриминацијата врз жените со надлежните институции од државава.

Дијалогот се однесува на напредокот на земјата во спроведувањето на Конвенцијата за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените.

Трите здруженија во соопштение констатираат дека учениците во Македонија немаат пристап до основни информации во формалното образование како да го заштитат своето сексуално и репродуктивно здравје. Според истражувањата што ги посочуваат, само 13 проценти од учениците добиле информација за користење кондоми, а едвај два процента учеле за орална контрацепција. Дополнително, како што наведуваат, учебниците содржат неточни и застарени информации преку кои многу често се зајакнуваат родовите стереотипи и стигмата кон лицата со различна сексуална ориентација и родов идентититет. Само дел од темите од сексуалното образование се опфаќаат на часовите по животни вештини, а сеопфатното сексуално образование и натаму се изучува надвор од училишните клупи, информираат здруженијата.

Оттаму сметаат дека Комитетот треба да побара од надлежните институции во Македонија да се развие соодветен образовен модел и наставна програма со цел воведување сеопфатното сексуално образование како задолжителен предмет во основните и средните училишта. Воедно да се измени законот за прекинување на бременоста усвоен во 2013 година и да се отстранат сите идеолошки и законски пречки кои им го загрозуваат правото на избор на девојките и жените во Македонија, како и да се воведе медикаментозен абортус и тој да се направи пристапен низ целата земја. Бараат и да се подобри пристапот до современите контрацептивни средства, така што модерните контрацептиви ќе бидат ставени на позитивната листа на лекови со цел превенција на непланирана бременост.

– Девојките и жените во Македонија сè уште се соочуваат со низа пречки во остварувањето на своите сексуални и репродуктивни права. Правото на избор и натаму се регулира со ограничувачки закон кој го доведува во прашање здравјето и животот на жените и со кој се потценува нивната способноста самостојно да донесуваат одлука за сопственото тело и здравје. Нов закон за абортус, иако е во подготовка, сепак сè уште не е донесен – соопштуват здруженијата ХЕРА, Коалиција Маргини и Реактор – Истражување.

Појаснуваат дека со постојниот закон во Македонија и ден денес пристапот до абортус го отежнуваат задолжителниот период на чекање од три дена, задолжителното пристрасно советување и задолжителниот ултразвук преку кој бремените жени се принудени да го слушнат срцебиењето на фетусот. Оттука, нагласуваат, сегашниот закон е во спротивност со препораките на Светската здравствена организацијата и со меѓународното право и со него државата и натаму им го прекршува правото на избор на жените во Македонија и го уназадува нивното здравје. Дополнително, медикаментозниот абортус сè уште не е достапен во земјата.