Министерот за економија Крешник Бектеши денеска ја промовираше апликацијата „Visit Macedonia“ (Визит Маседониа), што ќе служи за промовирање на туризмот во земјата.

– За туризмот велиме дека е единствениот сектор кој во последниве години бележи континуиран раст од 100 проценти, така 2017 година ја завршивме со зголемување на бројот на туристи во земјата за 16, 6 отсто, при што зголемувањето на бројот на странски туристи достигна до 23,5 отсто, во однос на 2016 година, а бројот на ноќевања на странски туристи во Македонија се зголеми за 22,8 отсто- нагласи Бектеши.

Тој посочи дека во првиот квартал на 2018 година, во споредба со истиот период минатата година, бројот на туристи во Република Македонија е зголемен за 18,7 отсто.

– Само во мај годинава, Македонија ја посетиле над 104.000 туристи, кои во просек оствариле по две ноќевања- истакна министерот за економија.

Тој изјави дека тенденцијата на Министерството за економија е тој број да се зголемува.

– Нашата цел е до 2020 година бројот на туристи во Република Македонија да биде еден милион, со остварени три милиони ноќевања, а учеството на туризмот во БДП да биде пет отсто- објасни Бектеши. 

Тој информираше дека апликацијата „Визит Маседониа“ е изработена во три верзии, веб, мобилна и секако администраторската конзола, како и на три јазици, македонски, албански и англиски. 

– Целта на мобилната апликација, која е во завршна фаза, е да понуди брз пристап до сите потребни информации за да го направи поудобен и поинтересн престојот на секој турист во нашата држава- наведе министерот за економија. 

Бектеши упати апел до сите граѓани на Република Македонија колку што е можно повеќе да ја споделуваат апликацијата на социјалните мрежи, со цел поголемо нејзино промовирање.