Воспоставувањето на базната станица за издавање на патни исправи во македонската амбасада во главниот град на Германија започна да ги дава првите резултати, соопшти Министерството за надворешни работи.

– За помалку од еден месец, над 200 лица се имаат сликано, а околу 70 наши државјани веќе се имаат стекнато со нова патна исправа – тврди нашиот амбасадор, Рамадан Назифи. Амбасадорот нагласува дека со базната станица се надмина еден од најголемите и најгорливи проблеми со кои дијаспората и амбасадата се соочуваа.

За ефикасниот и олеснет процес на добивање патни исправи во амбасадите со помош на новиот систем, сведочат и нашите државјани кои веќе ги имаат почувствувано овие бенефиции. Покрај многуте позитивни коментари кои пристигнуваат од дипломатската мрежа, но и од дијаспората се нагласуваат придобивките од подигнувањето на новата патна исправа во амбасада, без потреба од дополнителни трошоци и патување во матичната земја, велат од МНР.

– Во оваа насока, за првпат, во нашите амбасади и конзулати беа воспоставени девет базни и четири мобилни станици, а заложбата на министерот за надворешни работи, Бујар Османи е да го унапредува овој проект и во наредниот период, со зголемување на опфатот на амбасади, кои ќе ги даваат овие услуги за нашите државјани – се наведува од министерството.