Министерството за надворешни работи најостро го осуди последното сквернавење на спомен-плочата „Солзата на Роза“ во Охрид, поставена во сеќавање на жртвите од бродската несреќа во 2009 година, кога 15 бугарски туристи загинаа при потонувањето на бродот „Илинден“ во водите на Охридското Езеро.

– Веднаш штом добивме информација за овој чин, од страна на надлежните државни власти беа преземени соодветни мерки и споменикот за кратко е вратен во првобитната состојба. За оваа информација благовремено, со нота, е известена и Амбасадата на Република Бугарија во Скопје – се наведува во соопштението на ресорното министерство.

Од таму потенцираат дека се работи за изолиран случај, кој не е во согласност ниту со државната политика, ниту претставува интерес на граѓаните.