Министерството за надворешни работи издаде предупредување до македонските граѓани да бидат претпазливи при патување во Грција, поради состојбата со пожарите во таа земја. Како што се наведува во соопштението, безбедносната состојба може брзо да се промени.

– Постојат специфични проблеми во врска со безбедноста што може да ве стават во опасност. Безбедносната состојба може брзо да се промени. Треба да применувате висок степен на претпазливост во секое време, да ги следите локалните медиуми и да ги следите упатствата на локалните власти. Информациите за степените за безбедност и безбедносните детали се изготвени по насоки добиени од нашите дипломатско-конзуларни претставништва и надлежните директорати во МНР, во корелација со информациите објавени на веб-страниците за препораки за патување на земји партнери – се вели во предупредувањето.

Дипломатско-конзуларните претставништва на Република Македонија во Грција преку социјалните мрежи, се наведува во информацијата од МНР, благовремено упатија апел до државјаните на Македонија за претпазливост при патување или престој во Грција поради ситуацијата со пожарите, а при евентуална потреба да ги контактираат Амбасадата на Македонија во Атина (+ 30 694 52 82 251, +30 695 51 91 321, +30 694 47 43 071,+30 210 67 49 585) и Генералниот конзулат во Солун (+30 698 72 00 410).