И додека земјите од соседството, но и пошироко низ Европа, се позиционираат околу снабдувањето со гас за следните 50 години, во Македонија сè уште се гради примарната гасоводна мрежа, а за секундарната мрежа, која треба да го донесе гасот до домаќинствата, повеќето општини сè уште ја подготвуваат проектната документација

Првите кубици гас протекоа низ инсталациите на новиот гасовод „Турски тек“, а неодамна и владите на Грција, Израел и на Кипар потпишаа договор за изградба на гасоводот „Ист мед“, кој би можел од средината на деценијата да ја снабдува Европа со четири отсто од нејзините годишни потреби за гас. И додека земјите од соседството, но и пошироко низ Европа, се позиционираат околу снабдувањето со гас за следните 50 години, во Македонија сè уште се гради примарната гасоводна мрежа, а за секундарната мрежа, која треба да го донесе гасот до домаќинствата, повеќето општини сè уште ја подготвуваат проектната документација.

Во моментов системот за пренос на природен гас во Македонија е дел од рускиот транзитен гасовод што поминува низ Украина, Романија и Бугарија, а наменет е и за Турција, Грција, Србија и Црна Гора. Приклучното место на нашиот систем со бугарскиот е на источната граница во месноста Деве Баир.
Според директорот на Националните енергетски ресурси (НЕР), Бајрам Реџепи, снабдувањето со гас на Македонија ќе се одвива преку гасоводите ТАП и ТАНАП, а не од гасоводите што се актуелни сега.

– ТАНАП се приклучува на турско-грузиската граница со јужнокавкаскиот гасовод, кој ги користи изворите од Шахдениз во Азербејџан. ТАП се приклучува на ТАНАП на грчко-турската граница. Со изградбата на нашиот интерконекциски гасовод со грчкиот оператор за пренос – ДЕСФА, ние ќе можеме да се снабдуваме и од ТАП и од грчките ЛНГ-терминали, како и од сите други извори на снабдување на ДЕСФА, но секако и преку постојниот интерконектор со Бугарија – појаснува Реџепи.
Тој додава дека очекува цената за приклучок за домаќинствата во Македонија да биде пониска од оние во регионот.

– Очекувам цената за приклучок да биде околу 100 евра, така е и во регионот. Сега се плаќа околу 800 евра. На четиричлено семејство со околу 80 квадратни метри стан просечно ќе му бидат потребни околу 1.500 евра за адаптација на внатрешната инсталација. Планот е дел да се субвенционира, дел да се кредитира преку операторите и граѓаните да плаќаат преку месечните фактури – смета Реџепи.

Инаку, клучните делници од примарната мрежа што во моментот се градат се Скопје – Тетово – Гостивар, во должина од 76 километри и вредност од 29 милиони евра, Неготино – Прилеп – Битола, во должина од 92 километри и вредност од 36 милиони евра, и Неготино – Штип, во должина од 36 километри и вредност од 16 милиони евра.

Изградбата на сите делници се очекува да заврши до крајот на оваа година.
Што се однесува до изградбата на секундарната мрежа, како и поставувањето на инсталациите до домовите на граѓаните, засега само Струмица и Куманово имаат делумно изградена мрежа за снабдување на домаќинствата, додека преостанатите општини се во фаза на подготвување проектна документација и аплицирање за грантови од ЕУ.

Врз основа на студијата за изградба и развој на дистрибутивната мрежа, Владата претходно одлучи дистрибутивната мрежа до домаќинствата да се изгради со јавно приватно партнерство.

– Најбитното е што приватниот партнер ќе биде обврзан да гради не само во физибилните региони туку и во тие што, според студијата, се определени како нефизибилни, значи на целата територија на државата, со единствена тарифа. Причината за ваквата одлука е енормното загадување на воздухот во повеќе градови во текот на зимата. И дефинитивно, гасификацијата на целата територија на државата е единственото решение за тој огромен проблем – појаснуваат од НЕР.