СПОРЕД ОСМАНЛИСКИОТ РЕГИСТАР ЗА СКОПЈЕ ОД 1896 ГОДИНА:

Пишува: Блаже Миневски

Во Османлиската Империја за секој вилает, санџак и каза се водел регистар со податоци за животот на населението, а потоа собраниот материјал се печател како книга и секој што сакал можел да има увид во податоците што се објавувале. Ваквите годишни алманаси биле објавувани од страна на османлиската власт од 1847 до 1922 година и во нив можат да се најдат податоци за административно-територијалното уредување, за структурата и организацијата на цивилната и воената управа, за демографските, стопанските, образовните и културните услови. Регистарот со податоци за Скопската каза првпат бил објавен во 1879 година, а последен пат во 1900 година, кога излегол осмиот том. Според преводот на селнамето или регистарот за 1896/97 година, од османотурски на македонски јазик од страна на проф. д-р Драги Ѓоргиев и д-р Ахмет Шериф, во Скопје, како седиште на вилаетот, работеле 17 муслимански и 17 христијански училишта, но немало ниту една библиотека!

Сега нема ни три книги на едно место!

„Колку е потребно постоење на училиште во еден град, толкава потреба постои и за библиотека. Ако ползата од училиштето е ограничена според неговиот вид, постоењето на библиотека е предодредено за секое образование и едукација. Еден пример: во некое место доаѓа странец и не познава никого. Се појавува некаков проблем, или не може да најде место за да го помине времето, место каде што ќе оди или ќе се прибере е библиотеката. Библиотеката е јавно место. Резултатите од истражувањата и научните достигнувања на илјадници мислители, без исклучок, произлегле од нејзиното користење. Поради тоа, една библиотека се смета за основна потреба на еден град. Бидејќи не се согледа важноста на библиотеките, интересот за изградба на библиотека, така што предците да бидат познати во секој град, не го достигна тој степен.

Една од вистините што ја објаснуваат важноста на библиотеката се грижата и сериозноста што денес се покажуваат во изградба на библиотеки во сите културни центри. Андалузиската и Багдадската библиотека, за кои е неоспорно дека ги формира здравите идеи, учените и образовани муслимани што не можеа да си замислат граница и крај во блесокот на изобилството и кои беа причина за претворање на светот во една цветна градина, се најдобри сведоци за тоа. Денес Француската национална библиотека во Париз е библиотека што има 2,5 милиони книги. Европејците уметничкото и образовното ниво на еден град го ценат според разнородноста и совршенството на неговата библиотека. Како што секоја работа во светот не е иста, неопходно е и во библиотеките да има разлика во поглед на нивната совршеност. Меѓутоа, во секое место, во согласност со неговата состојба, мора да има по една библиотека.

Според кажувањата, Скопје своевремено имало една убава библиотека. Но, за жал, мораме да признаеме дека денес во еден таков напреден град не постои место во кое има три или пет книги, и во кое по потреба би навратиле. Се раскажува дека поради принудни причини, еден дел од постојните книги од порано биле пренесени во Серез, а еден дел во Истанбул. На тој начин Скопје останало лишено од една таква корисна работа. Дури, поранешниот валија, неговата возвишеност Фаик-паша, во време кога бил мутасериф на Скопје, со желба да ги врати книгите од Серез, бил во преписка со возвишениот Солунски вилает.“

Што криел долапот во Гази Иса-бег џамијата!

Во продолжение на официјалниот запис на тогашната власт за тоа дека Скопје бил единствен град во Румелија, кој на крајот на 19 век немал библиотека, пишува: „Сепак знаеме дека во тестаментот на починатиот Гази Иса-бег, чија света џамија се наоѓа во Скопје, постои услов да се изгради убава библиотека. Но, иако во еден долап во светата џамија има пет, десет книги, па дури и чувар на книгите, тие не можат да се користат. За жал, има градови што по големината и важноста се како Скопје, па дури и помали, но кои имаат библиотеки според нивното ниво. Но бидејќи нашето време, нашиот современ век, донесе беспримерно корисни работи што се применуваат во културниот и научен напредок на царските провинции, сепак сме во силна надеж дека нашиот центар на вилаетот нема да се остане без една институција што спаѓа меѓу најважните цивилизациски потреби, како што е библиотеката, и дека со силното и постојано залагање на нашиот возвишен валија и Скопје наскоро ќе биде почестено со една ваква корисна институција“.

А каков град бил Скопје во 1896 година? Според регистарот, во градот и 155-те скопски села, живееле 65.003 лица, од кои 36.101 муслиман, а 38.002 христијани, кои припаѓале на едната или на другата митрополија, односно на егзархијата и патријаршијата: „Во Скопје и околните села, во периодот од 13 март 1894 до 12 март 1895 година, во вкупно 4.474 куќи, колку што има во казата, имаше 751 склучен брак, се родија 632 машки и 778 женски деца, а починаа 655 мажи и 437 жени. Во казата има 32 чешми, 1.410 дуќани и магацини, а 32 џамии, 17 свети месџиди, осум медреси, 19 текиња, седум турбиња, четири цркви, една синагога, две митрополии, 17 муслимански и 17 немуслимански училишта, една печатница, четири амами, 26 обични воденици на вода, осум хотели, една саат-кула, 75 ресторани и меани, 44 анови, 33 јавни собиралишта, 69 фурни, како и една работилница за бичење дрва, две фабрики за брашно и една фабрика за гајтани, кои работат на водена сила. Денес во Скопје има седум-осум амами, од кои четири се активни, кои работат на тој начин што еден дел од денот се отворени за мажи, а еден дел за жени, додека еден од нив има два посебни дела за мажи и за жени.

Посетителите ги привлекува големиот амам познат под името Давут-паша амам, кој е еден од запустените амами и кој има 99 камени корита. Кога во размислувањата се јавува потреба за изградба на еден толку голем амам, веднаш станува јасно кој степен го достигнал поранешниот процут на Скопје“, пишува во селнамето за 1896/97 година, книга од 800 страници, печатена во вилаетската печатница, со предговор во кој меѓу другото се вели дека сите „селнамиња што досега се издадени не можат да се споредат со нашето селнаме, затоа што ова селнаме со деталните описи не е селнаме туку прекрасна историја на вилаетот, со фотографии на некои зданија и јавни објекти, отпечатени во Виена, со ’ототип’ метод“. Селнамето, односно регистарот или алманахот, завршува со табели за приходите на вилаетот за финансиската година од 13 март 1894 до 12 март 1895 година, со ставки и за данокот за овци, данокот за свињи, данокот за покриени објекти и слично.


Македонската револуционерна организација како паралелна власт!

Во времето кога е подготвуван овој регистар или годишник на османлиската власт во Македонија, односно кога се собирани информациите за историјата и населението, за економската и трговската состојба, за училиштата и за државните службеници, составувачите на ’селнамето’ воопшто не знаеле дека во Солун веќе била формирана Македонска револуционерна организација од страна на Дамјан Груев, д-р Христо Татарчев, Петар Поп Арсов, Иван Хаџи Николов, Христо Батанџиев и Андон Димитров, а со цел по пат на оружена борба да се извојува автономија на Македонија. Во почетокот на 1894 година, значи токму во времето кога регистарот почнува да ги бележи приходите од даноците за таа фискална година, се конституирал Централниот комитет, со претседател д-р Христо Татарчев, секретар Дамјан Груев, а била изградена и мрежа на Организацијата во поголемите центри во Македонија. Во летото 1894 година било одржано Ресенското советување на членовите на ЦК и на делегатите на месните комитети, посветено на организациски и на тековни прашања за револуционерно дејствување. Биле формирани три револуционерни окрузи: Солунски, Битолски и Скопски. До есента 1895 година, Организацијата изградила мрежа во сите делови во Македонија и прогласила сувереност на организациската територија, спречување на дејствувањето на други организирани групи со исти цели во Македонија. Ваквите активности ги нема во селнамето, но има податок дека само од данокот за овци, на пример, во Скопската каза се собрани околу два милиони и шестотини илјади турски лири, а од данокот за свињи – двесте и педесет илјади лири! Една просечна пушка во тоа време чинела обично три турски лири.


Во Катланово многу болни одат на бања и оздравуваат!

Според годишникот на османлиската власт во Македонија, објавен зимата 1896/97 година, во Скопската каза имало многу извори на топла и минерална вода, со врвен квалитет, многу подобар од водата на бањите во Солун и Врање: „Пет часа источно од Скопје, во селото Катланово има две бањи, за мажи и за жени. Тие имаат топла, изворска вода со сумпор, кој многу помага за некои болести. Од околните градови во летните денови многу болни одат таму и оздравуваат. Бидејќи таму, освен еден стар ан, сѐ уште не е направен објект според условите што ги препорачува медицинската наука, сите што имаат потреба од природната лековитост на водата, не можат да ја користат. Иако поради тоа што корист нема и државата, во последно време се појавуваат иницијативи и барања за разгледување на некои услови, како што е изградба на соодветни, современи згради на споменатите бањи, со примена на европските стандарди и активирање убави превозни средства. Според кажувањата, природниот состав на минералната вода што извира во овие бањи е подобар од оној во бањите во Солун и Врање. Притоа јасно е дека со примена на бараните стандарди, освен населението на вилаетот, и странците ќе ги користат нашите бањи за лекување. И во селата Вичидол и Арачиново, што се наоѓаат на 1,5 – 2 часа оддалеченост од Скопје, има по еден извор на кисела вода и, иако не се познати, од искуството се знае дека заслужуваат да бидат консумирани.“